Зошто Т-рексот имал ситни предни екстремитети?

Точка

27/05/2026

08:51

543

Големина на фонт

а а а

Научниците можеби конечно ја решиле мистеријата за малите предни екстремитети на Тираносаурус рекс, кои отсекогаш биле најнеобичната карактеристика на еден од најмоќните диносауруси, предизвикувајќи шеги и повеќе од еден век дебати за нивната функција и еволутивна историја.

Со должина од околу еден метар, предните екстремитети на Т-рексот биле помали од една третина од должината на неговите нозе и изгледале несразмерно на тело кое кај возрасните примероци можело да биде подолго од 12 метри, пишува „CNN“.

Т-рексот бил само еден од многуте месојадни диносауруси со ситни предни екстремитети, а научниците со години изнесувале различни теории за нивната функција — од држење плен до импресионирање потенцијални партнери за време на парење. Поновите студии сугерирале дека предните екстремитети станале помали за да се намали ризикот од каснувања за време на хранење, додека една долгогодишна теорија тврдеше дека едноставно закржлавеле и немале практична функција. Сепак, конечен одговор немало.

Новата студија објавена на 20 мај во списанието „Proceedings of the Royal Society B“ се обидува еднаш засекогаш да ја реши дебатата. Врз основа на анализа на 85 видови диносауруси, истражувачите заклучиле дека малите предни екстремитети биле еволутивен компромис предизвикан од развојот на друг дел од телото кој станувал сè поголем и трошел повеќе ресурси — черепот.


„Ако сте диносаурус со многу моќно изграден череп, големи се шансите да имате многу мали предни екстремитети“, изјавил Чарли Роџер Шерер, докторанд на Одделот за науки за Земјата при Универзитетскиот колеџ во Лондон и главен автор на студијата. „И не е важно колку сте големи — можете да имате една или десет тони. Ако имате моќен череп, ќе имате релативно мали предни екстремитети.“

Причината, како што објаснува Шерер, е тоа што „еволуцијата не сака сè да постои одеднаш“, бидејќи дава предност на една особина во однос на друга.

„Ако сакате да ја користите главата за да соборите голем плен, нема потреба да вложувате многу енергија во одржување долги предни екстремитети и канџи, затоа што веројатно не ви се потребни. Еволуцијата тогаш практично вели: ’Предните екстремитети повеќе не ни требаат, па ајде да ги намалиме и повеќе енергија да насочиме кон моќниот череп кој станува главно оружје.‘“

Претходни истражувања веќе укажувале на поврзаноста меѓу намалувањето на предните екстремитети и растот на черепот кај месојадните диносауруси, но новата студија е првата што го идентификувала овој образец кај пет различни групи диносауруси и обезбедила статистичка потврда на теоријата.


Главното оружје

За да дојдат до заклучокот, истражувачите ги мереле предните екстремитети и коските на черепот кај 85 видови диносауруси користејќи фосили и податоци од научна литература.

Тие развиле и нов начин за проценка на силата на черепот, земајќи ги предвид големината, начинот на поврзување на коските и јачината на загризот. Т-рексот очекувано го зазел првото место, а зад него се нашол Тиранотитан, уште еден голем месојад кој живеел на подрачјето на денешна Аргентина за време на раната креда, околу 30 милиони години пред Т-рексот.

Освен кај тираносауридите, групата на која ѝ припаѓа Т-рексот, истражувачите пронашле поврзаност меѓу големите и моќни черепи и малите предни екстремитети и кај уште четири групи диносауруси — цератосауриди, мегалосауриди, абелисауриди и кархародонтосауриди — големи двоножни месојади.

Новата анализа сугерира дека малите предни екстремитети не биле случајност, туку еволутивна особина што се развивала кај неповрзани видови во текот на долг временски период. Кај некои диносауруси прво се намалувале прстите, додека други најпрво ја скратувале подлактицата.


„Заедничкиот фактор е тоа што сите ловеле плен кој барал поголема сила за да биде совладан, поради што развиле многу моќни черепи“, изјавил Шерер.

Како што пленот станувал поголем, овие диносауруси развивале сè помоќно главно оружје — главата — додека предните екстремитети и канџите станувале сè помалку важни.

„Сè се сведувало на напад со глава, па главата станала делот од телото што прв доаѓал во контакт со пленот“, рекол Шерер. „Тоа бил најлесниот начин да го совладаат, наместо скокање и борба со канџи.“

Сепак, предните екстремитети не биле целосно бескорисни.

„Очигледно имале некаква функција, инаку немаше да ги имаат“, изјавил Шерер. „Која е точно таа функција, сè уште не знаеме, но се надеваме дека ќе ја откриеме со понатамошни истражувања.“