Шефот на „Amazon“ шокираше со радикален предлог: „Сиромашните да не плаќаат ниту долар данок …“

Точка

26/05/2026

08:36

699

Големина на фонт

а а а

Џеф Безос сака целосно укинување на даноците за сиромашните! Предлага нула данок за долната половина од платите. Дали тоа ќе поттикне нови претприемачи или е само одвлекување внимание од сопствените даночни контроверзии?

Основачот на „Amazon“, Џеф Безос, еден од најбогатите луѓе во светот, изнесе предлог за целосно укинување на федералниот данок на доход за долната половина од вработените во САД. Тој тврди дека таков потег би го поттикнал претприемништвото и би го олеснил финансискиот товар за оние кои најмногу се мачат.

„Нула е моќен број“

Безос истакна дека долната половина од даночните обврзници моментално плаќа само околу три проценти од вкупните федерални приходи од данок, додека најбогатиот еден процент плаќа околу 40 проценти. Според него, уделот на посиромашните треба да се намали на „нула“. Неговото богатство се проценува на 279 милијарди долари.

„Не сакам да го намалам данокот, сакам да го елиминирам. Мислам дека нулата е многу моќен број. Нулата е подобар број од еден долар“, изјави тој за „CNBC“, додавајќи дека така би можело да се помогне во создавање на „следниот Стив Џобс“.

Како пример наведе медицинска сестра од Квинс која заработува 75.000 долари годишно.

„Не треба да бараме од таа сестра да испраќа пари во Вашингтон. Треба да ѝ испратиме извинување“, заклучи тој.


Под лупа и сопствената даночна историја

Предлогот на Безос доаѓа во момент кога и тој и неговата компанија се соочуваат со критики поради сопствената даночна историја. Според извештаи базирани на протечени податоци од американската даночна служба, Безос лично во некои години, како 2007 и 2011, не платил ниту долар федерален данок на доход.

Слично на тоа, и самиот „Amazon“, и покрај профитите од милијарди, во 2017 и 2018 година платил нула долари федерален данок, користејќи легални даночни олеснувања и одбитоци. Токму овие факти често се посочуваат во дебатите за даночна праведност.


Предлог среде жестоки политички дебати

Неговиот настап доаѓа во време на жестоки расправи околу даночната политика во САД. Дел од демократите се залагаат за нови даноци за богатството насочени кон милионери и милијардери, како предлогот во Калифорнија или законот на сенаторката Елизабет Ворен, кој предвидува годишен данок од два проценти за домаќинства вредни повеќе од 50 милиони долари.

Истовремено, постојат и предлози за намалување на товарот за посиромашните. Демократскиот сенатор Кори Букер предложи закон наречен „Keep Your Pay Act“, кој би ги ослободил граѓаните од плаќање данок на првите 75.000 долари приход по домаќинство. Според него, тоа „веднаш би ставило повеќе пари во џебовите на работниците“.


Колкаво е реалното даночно оптоварување?

Според податоците на „Tax Foundation“, долната половина од американските даночни обврзници – оние кои заработуваат помалку од околу 54.000 долари годишно – во 2023 година плаќале просечна даночна стапка од 3,7 проценти.

За споредба, најбогатиот еден процент, со приходи над 676.000 долари, плаќал просечна стапка од 26,3 проценти.

Сепак, некои аналитичари посочуваат дека, кога ќе се пресметаат повратните даночни кредити, долните 40 проценти од обврзниците во просек веќе и сега не плаќаат федерален данок на доход.

Безос, сепак, предупредува на „приказна за две економии“, во која посиромашните слоеви се борат со инфлацијата, додека побогатите профитираат.