[ВИДЕО] Иднината на земјоделството: Хуманоидни роботи ги „преземаат“ кинеските плантажи за чај

Точка

28/05/2026

19:12

396

Големина на фонт

а а а

Роботите поминаа долг пат — од лабораториски демонстрации и спортски арени стигнаа директно на полињата со чај.

Тимовите што учествуваат на Светските игри на хуманоидни роботи 2026 (World Humanoid Robot Games) започнаа необичен предизвик на плантажите во провинцијата Фуџијан, на југоисточниот брег на Кина.

Првата фаза од штафетната трка под назив „Пренос на енергија“ официјално започна на 10 мај во округот Фудинг, еден од најзначајните региони за производство на прочуениот бел чај.


Наместо во контролирани, лабораториски услови, роботските тимови биле поставени директно на тешко пристапни плантажи и во погони за преработка. Таму, рамо до рамо со локалните експерти, учествувале во целиот циклус на производство.

Испит на издржливост и прецизност

Задачата за хуманоидните роботи била сè само не едноставна: морале да препознаваат и берат листови чај, да пренесуваат товар преку стрмен и нерамен планински терен, да ги распостилаат листовите на сонце за сушење, а потоа да учествуваат во финалните фази на обработка, вклучувајќи пржење и пресување чај.

Според извештајот на мрежата ЦГТН, оваа вежба била осмислена како практичен теренски тест за собирање клучни податоци за развој на вештачка интелигенција со општа намена (General Purpose AI).

Теренот во Фуџијан поставил препреки какви што ретко се среќаваат на тест-полигоните. Стрмните падини и каменлива почва ги ставиле на испит рамнотежата и подвижноста на машините, додека варијациите во обликот и зрелоста на листовите чај биле вистински предизвик за системите за оптичко препознавање. И деликатниот процес на берење ги тестирал крајните граници на вештината на роботските раце.

Кина како лидер на роботската револуција

Овој настан се надоврзува на успехот на првата манифестација одржана во 2025 година и е дел од пошироката стратегија на Кина да ја тестира примената на хуманоидните роботи во реални животни и работни услови, а не само за обична демонстрација на технологија.


Колку е значајно ова натпреварување покажува и податокот дека претходните Игри привлекле дури 280 тимови и повеќе од 500 хуманоидни роботи од 16 земји ширум светот.

Кина со ова јасно порачува: роботите повеќе не се само научна фантастика, туку стануваат неизоставен дел од земјоделската работна сила.