Раул Гонзалес: Треба да заборавиме дека сме шампиони, да се фокусираме на следните натпревари и да почнеме од нула

Точка

25/09/2017

11:13

1.481

Големина на фонт

а а а

Иако звучи како каубојска класика, слоганот „Дојде тивко и влезе во легендите“ сосема одговара за смирениот Шпанец, Раул Гонзалес, кој се наоѓа на кормилото на РК Вардар, а од неодамна и на македонската репрезентација.

Под негово водство „црвено-црните“ ја освоија титулата европски прваци, а на следното Европско првенство во Хрватска ќе видиме колку е моќна неговата магија и со македонската репрезентација. Во заедничкото интервју за порталите „Точка“ и „Дерби“, Гонзалес зборува за мотивацијата да ја започне новата сезона со Вардар, оптимизмот дека имаме добра репрезентација, но слаба „клупа“, како и тоа дека тој не е семоќен и дека работи само со „А“ селекцијата.

Точка: Кој е мотивот да се почне сега со работа, после европска титула освоена минатата година? Колку почетокот на оваа сезона е поразличен од досегашните?

Мислам дека сега имаме мотивација. Сега е многу тешко да направиме како што направивме ние лани, но ние сме шампионите и треба да ја браниме титулата. Сите сме многу среќни, многу задоволни, затоа што работевме многу напорно, но сега треба да почнеме од нула. Треба да заборавиме дека ние сме шампиони, треба да се фокусираме на тие натпревари што ни претстојат, да видиме што ќе се случи до крај и да бидеме паметни и ако сакаме да успееме.

Точка: Стара мудрост е дека потешко е да се одбрани титулата отколку да се освои...

Да, да, досега никој ја нема освоено, на пример, Барселона една година победи, па следната година не играше на „Фајнал 4“, а еве и ланските шампиони Киелце оваа година исто така не беа во Келн. Знаеме дека е тешко и дека нивото е супер, во Лигата на шампиони има десет екипи коишто имаат капацитет да играат „Фајнал 4“. Нема да се знае до крајот кој ќе игра, ниту пак има правило дека кога победуваш, ќе победуваш пак. Сите сакаат да играат финале, ако сакаме да играме пак треба да играме од нула, да заборавиме што се случи лани затоа што тоа е поминато и да се фокусираме на новата сезона.

Точка: Како ја оценувате ждрепката за оваа година за Лигата на шампионите, како и фактот дека во СЕХА лигата ќе ви недостига Веспрем како противник со којшто имавте одлични „тренинзи“ како подготовка за „Фајнал 4“?

СЕХА лигата ќе остане иста, само што Веспрем не е тука. Ние лани ја освоивме СЕХА лигата, победивме во финалето со Веспрем со 5-6 разлика, мислам дека изигравме многу подобро од нив. Знаеме дека ние сме фаворити за „Фајнал 4“ на СЕХА лигата, мислам дека тоа е многу добро натпреварување, многу противнички екипи играат во Лигата на шампионите, и ние треба да ја искористиме затоа што за нас е важна, многу важна.

Точка: Оваа година само Даинис Криштопанс дојде како засилување. Екипата е иста, уиграна, играчите добро се познаваат, но колку тоа отсуство на Алекс Душебаев ќе биде забележливо?

Алекс Душебаев беше најдобар играч на својата позиција и беше дел од идеалната седморка во СЕХА лигата за минатата година, но и во Лигата на шампионите. Заврши навистина добра работа, а ние имавме среќа што променивме само еден играч. Да требаше сега да смениме четири-пет играчи ќе беше катастрофа. Мислам дека лани изигравме на многу добро ниво и за мене како тренер е подобро кога не треба да менувам на многу позиции. Мислам дека Криштопанс може да биде многу добар, но ќе му треба време за да може да се поврзе и со сигурност ќе гледаме еден подобар играч по два-три месеци. Исто така, вистина е дека иако променивме само еден играч, за нас ќе биде многу поразлично затоа што Алекс Душебаев играше многу брзо, беше добар во играта „еден на еден“, правеше добри финти, имаше одлична соработка со пикерот, но немаше шут од 11 метри. Сега Криштопанс ќе биде сосема спротивно, има одличен шут од далеку, може да игра добро во одбрана, и сега нашата игра ќе се смени и ќе видиме што ќе биде.

Точка: Колку ве погодија најавите, и вас и до ракометарите, дека Самсоненко ќе се повлекува од македонскиот спорт и од клубот Вардар?

Прво, би требало да му се заблагодариме на Самсоненко зашто без него сега немаше да бидеме тука. Ситуацијата не е одлична, и може да се рече дека имаме проблем и треба да се чека да видиме како ќе заврши се, но играчите се професионални, мислам дека сите ќе работиме до крај на оваа сезона, а потоа ќе видиме каква ќе биде ситуацијата. Ние не можеме да направиме ништо освен да му кажеме дека сакаме да продолжиме со него.

Точка: Дали имате некаква визија за понатаму, бидејќи оваа година и на многу играчи им завршува договорот, како што се Циндриќ, Штербик, мислам дека само Караџиќ лани го продолжи договорот?

Кога победуваш е многу тешко, бидејќи се бориш со сите други екипи кои што сакаат да потпишат со нив. Ние треба да ја искористиме оваа ситуација затоа што оваа победа во Лига на шампиони е исто и подеднакво голема како и во фудбалот. Но, животот е таков. Вистина е дека многу играчи ќе завршат оваа сезона, но имаме доволно време до крајот на годината добро да размислиме.

Точка: Уште би прашал, многу од ривалите на Вардар оваа година добија нови тренери, Врањеш е во Веспрем, има нови тренери во Рајн Некар, во Фленсбург. Дали очекувате можеби тоа да влијае на нешто, да имаат потреба од време, дека тоа е шанса за Вардар?

Сега сите имаат екстра мотивација, затоа што сите сакаат да победат кога се игра против Вардар. Ние на пример кога игравме во Германија пријателски натпревар, салата беше полна. Ние тоа не очекувавме, противниците имаа многу мотивација, публиката имаше мотивација. За нас тоа беше чудно! Треба да се навикнеме да биде така и сега кога игра Вардар, сите сакаат да победуваат, ќе биде потешко. Веспрем ќе има екстремна мотивација затоа што, на пример, како и Париз, многу години работеа така, и не ја освоија Лига на шампиони. А Вардар работи три години и ја освои Лига на шампиони. Оваа сезона ќе биде така, сите ќе сакаат да бидат европски шампиони: Кјелце, Париз, Веспрем. Јас мислам дека оваа сезона ПИК Сегед ќе биде супер, зашто имаат добар тренинг, 13 години се со Пастор и сега ова година можат да успеат. Ама има уште други како Рајн Некар, Флензбург, имаат добро ниво. Ќе видиме, ќе видиме, интересно е што во Лига на шампиони, никој не знае кој ќе победи.

Точка: Пред еден месец нашата редакција го потсети Кире Лазаров на една негова изјава дека се плаши од „сценарио Кометал“ во машкиот ракомет, алудирајќи на тогашното преземање на Вардар од Самсоненко, па сега кога го побаравме неговото мислење, откако поминаа четири години, добивме изјава дека и покрај сите успеси, Вардар не успеал да произведе ниту еден македонски играч којшто утре би се вклучил и во репрезентацијата. Дали се согласувате со една таква констатација, дали ви е можеби жал што не излезе силен македонски играч од Вардар?

Да, ама јас мислам дека тука треба да работиш со сите играчи што ти требаат, ние имаме играчи од Македонија, има македонски играчи кои играат надвор. На пример, ние потпишавме со Деки, но Деки не сакаше да биде тука. Треба да разликуваме, ако сакаш да имаш ниво треба да играш со најдобрите. Јас мислам дека ако сакаш да играш во Вардар не треба да учиш, има други екипи за таква работа, каде што ќе можат да тренираат, а Вардар ќе се фокусира на најдобрите, затоа што нивото тука е максимално. Треба да има ниво.

Точка: Но, како селектор на македонската репрезентација, би имале корист ако надежните играчи добијат шанса да играат со најдобрите и да учат од нив, ако имаат врвни натпревари, ако играат за врвен клуб?

Да, јас сум тренер на Македонија, и селектор, но исто така има и селектор и тренер на младите. Јас сум одговорен само за најдобрите. Кога сакаш да се фокусираш на највисоко ниво, треба да играш со најсилните играчи. Имам список од 20 до 25 играчи на коишто можам да сметам и тоа е тоа. Не можам да направам повеќе. Јас сум горд што сум во репрезентацијата, но работата со младите е на другите тренери. Потребни се структури. Јас немам време за се! Јас тука во Вардар водам една млада екипа на девојки со кои што почнав да работам пред година и пол, и тоа го правам секој ден и ќе видиме што ќе излезе од тоа. Кога ќе имаат осумнаесет години, ќе видиме колку ќе бидат добри. Но, потребна е работа секој ден, тука нема магија.

Точка: Тоа е генерацијата на девојки каде што настапува и вашата ќерка?

Да, нив ги тренирам секој ден и не можам да правам ништо повеќе.

Точка: Дали гледате дека Македонија може да најде достојни замени за двете клучни позиции на коишто сега играат Борко Ристевски и Кире Лазаров, значи голман и десен бек, бидејќи овие двајца се на некој начин столбови на нашата екипа, но се во зенитот на кариерата?

Не треба да мислиме што ќе се случи многу далеку, што ќе се случи во иднината. Јас сега имам на располагање 20 до 25 играчи со ниво, и тие се! Не знаеме што ќе се случи понатаму, дали ќе сакаат да играат или не. Јас треба да се фокусирам на европското првенство. Мислам дека имаме добра екипа, но немаме многу комбинации. Многу се плашам за играчите, можат да бидат повредени, како ќе стигнат таму. За мене е многу важен Киро, но немаме друг играч, ама тој е здраво момче, може да игра уште многу за Македонија.

Точка: Што ќе значи за репрезентацијата повлекувањето на Митков, кој до сега беше замена за Кире Лазаров?

За мене Митков беше многу важен играч, бидејќи може да игра во одбрана. Имавме многу добра комбинација со Киро во нападот, покрај него Киро можеше да игра во одбрана како крило и потоа да одиме пак во напад, а денес се игра многу брз ракомет. Ама ете, животот е таков.

Точка: Ги повикавте скоро сите голмани за да ги видите, освен Ристовски, беа и Митревски и Даскаловски, како и помладите голмани од Вардар и Металург. Ми се чини дека не повикавте само еден голман којшто во моментов брани во Шведска, во Иштад, а тоа е Јане Цветковски?

Јас имам тренер за голмани и тој ги знае сите. Јас сакам да пробам многу играчи и секогаш многу време поминувам со нив, бидејќи сакам да ги запознаам подобро. Кога ги гледате натпреварите на телевизија, понекогаш не можете да разберете како тие функционираат. Кога тренираш со нив, некогаш не очекуваш многу, а некогаш обратно. Го менуваш своето мислење. Има време, ќе добијат шанса сите. Царчев е тренер на голманите и тој знае се и тој може да направи што сака, имам доверба во него. Јас не се оптоварувам толку со голманите, бидејќи му оставам на него.

Точка: Поставена е цел пред репрезентацијата да се избори пласман на Олимписките игри во 2020 година. Дали мислите дека е остварлив?

Уште кога зборував со претседателот Живко, тој ми кажа дека треба да се фокусираме на Олимпијадата, дека тоа е многу важно за Македонија, но јас мислам дека тоа е далеку и дека треба да одиме малку по малку и мораш да работиш тука три години. На оваа ЕХФ недела сакам да тренираме, да не играме натпревари, затоа што натпревари ќе играме на ЕП во Хрватска. Не можеме отсега да мислиме што ќе биде за три години, едноставно ќе одиме малку по малку. Ама треба да ги развиваме младите, секогаш треба да развиваме, треба да има млади играчи. Ама тоа треба да бидат најдобрите.

Точка: За Хрватска имаме ждрепка со Словенија, Црна Гора и Германија, а потоа вкрстуваме со репрезентации како Шпанија, Данска, Унгарија...

Тешка ждрепка, има многу добри репрезентации. Словенија е сега трето место во свет, а за Германија знаеме какво е нивото. Мислам дека Црна Гора е добра, но таму имаме шанса со победа да ја минеме групата. Но, не треба да се фокусираме само на овој натпревар, треба да играме добро, како што одигравме со Чешка и Исланд, треба да играме без притисок со Словенија, па ќе видиме. Ако ја поминеме групата, ќе имаме уште тешки натпревари.

Точка: Веќе три четири години сте во Македонија. Каков е животот тука споредено со Шпанија?

Ист е како во Шпанија! Имаме сонце, луѓето се супер лично за мене, јас не се чувствувам странец. Можеш да одиш на север, но катастрофа, има многу голема разлика. Тука си како во Шпанија. Различно е тоа што кога играш со Вардар секогаш треба да играш за победа. Кога бев во Атлетико Мадрид беше исто така, но кога бев во друг тим што се бореше за четврто, петто место, немаше таков притисок.

Точка: Може ли да издвоите нешто од овдешниот живот?

Јас сакам како се живее тука, за мене нема разлика. Летово бевме во Германија и игравме три пријателски натпревари. Бевме таму пет дена, но не видовме сонце ниеден ден. За мене е важно да бидеме тука, на мојата фамилија и е убаво, не сакаат да одиме никаде, ние сме како во Шпанија.

Точка: Дали ќе дочекаме да ја видиме вашата ќерка во првиот тим на Вардар?

Не, не, мислам дека тоа не е возможно. Играта е катастрофа! Но во екипата има четири, пет девојки што имаат многу добро ниво, и треба уште да работат и да играат ракомет. Нејзините најдобри пријатели се во екипата.

Точка: Колку ја запознавте Македонија, колку патувавте надвор од Скопје?

Кога играме македонска лига, играме и во Прилеп, и во Охрид и во Струга, но немаме толку време за да патуваме, Маврово и други места.

Точка: Дали имате некое омилено македонско јадење?

Имате многу убаво овошје, но исто така и плескавица и колбасици! Луѓето од Шпанија кога доаѓаат тука многу сакаат да јадат ајвар. И таму се јаде многу пиперка, но не се прави како тука, па кога ќе ја пробаат, три месеци само ајвар јадат. Кога имаме гости, само ајвар, секој ден, сите сакаат. Тука не се јаде толку многу риба, со месото е исто, но во Шпанија ако за еден оброк јадеш месо, другиот јадеш риба.

Точка: Добро го совладавте македонскиот јазик, дури и беше изненадување кога почнавте да го говорите на прес конференција. Дали имате некоја анегдота со говорењето?

Не, за мене е многу нормално да бидам тука, беше тешко првите шест месеци, кога не знаев што ќе биде и дали ќе останам тука, и не научив ништо. Потоа, почнав да учам малку по малку, ама јазикот е тежок.

Точка: Дали ви беше битно да донесете некои шпански играчи, да имате покрај себе, додека сте во Македонија?

Јас имам многу работа, треба да учам за играчите кој е и каков е, ги немам истите играчи од Шпанија, не можам да ја работам истата работа како таму. Јас научив како треба да тренираат, за мене беше многу добро искуство работата со Душебаев во Шпанија.

За тренерите во Шпанија вие мислите дека сите работиме исто, ама не е така. Изгледа дека е така, ама не е така. Има друг систем. Слични се ама не се исти. Тренерот на Барселона, на пример, Пасквал не игра како ние што играме, не тренира како ние што тренираме. Секогаш се зборува дека е иста работа, но не е истата работа.



Спонзорирани линкови

Маркетинг