Плоштадот „Скендербег“ се подготви за Денот на албанското знаме, Тошковски најави засилени безбедносни мерки

Макфакс

28/11/2026

10:43

166

Големина на фонт

а а а

Плоштадот „Скендербег“ во Скопје е украсен со албански знамиња за одбележување на Денот на албанското знаме, додека министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, најави засилени безбедносни мерки со цел мирна и безбедна прослава.

Плоштадот „Скендербег“ во Скопје

е украсен со албански знамиња во пресрет на одбележувањето на 28 Ноември – Денот на албанското знаме. Знамињата се поставени и долж надвозникот во централното градско подрачје, со што веќе се навестува празничната атмосфера пред одбележувањето на празникот.

Министерството за внатрешни работи

и министерот Панче Тошковски порачаа дека ќе бидат максимално фокусирани на одржување на безбедноста и јавниот ред, како и на заштитата на граѓаните и безбедноста во сообраќајот.

Тошковски им го честиташе Денот на албанското знаме на граѓаните од албанската заедница, но истовремено упати апел прославата да помине мирно и без нарушување на сообраќајот.

„Нема да дозволиме нарушување на сообраќајот и нарушување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Би ги замолил сите оние што ќе сакаат да си го прослават денот, да го направат тоа во согласност со сите пропишани протоколи, во рамките на една нормална, семејна, убава атмосфера со своите најблиски, па и со оние што сметаат дека треба да го прослават“, истакна Тошковски.

Денот на албанското знаме

се одбележува на 28 ноември, во чест на истиот датум во 1912 година, кога Исмаил Ќемали го истакнал црвено-црното знаме во Валона и ја прогласил независноста на Албанија од Отоманската Империја.

Празникот го одбележуваат Албанците во Албанија, Косово, Македонија, Црна Гора и дијаспората.