Со видлив подлив на десното око, Сара Ѓорѓиеска денеска се појави во Основниот суд во Охрид, каде што требаше да започне судскиот процес против Кристијан Корабоски, обвинет за нападот врз неа. Сепак, обвинетиот не се појави во судницата, иако се наоѓал во притворското одделение на судот. Во судницата биле присутни и неговите родители и членови на семејството.
Почетокот на судскиот процес беше одложен за 1 декември, откако одбраната на Корабоски побара изземање на јавниот обвинител кој постапува во предметот, сите јавни обвинители од Основното јавно обвинителство во Охрид, судиите, како и претседателот на Основниот суд во Охрид.
Барањата за изземање на судиите биле одбиени, додека за останатите барања треба да одлучат надлежните повисоки институции. За изземањето на јавните обвинители треба да се произнесе повисокото јавно обвинителство, а за барањето што се однесува на претседателот на охридскиот суд – претседателот на Апелациониот суд во Битола.
Адвокатот Ѓоко Шајн, полномошник на оштетената Сара Ѓорѓиеска, оцени дека барањата на одбраната претставуваат обид за одолговлекување на постапката и избегнување на одговорноста.

„Сметам дека заради одолговлекување на постапката и избегнување на одговорноста на обвинетиот Кристијан Корабоски, еве видовте, не беше присутен во судницата, туку беше присутен во судот во притворското одделение. Требаше да биде тука во судницата, како што сме присутни оштетената, јавниот обвинител и јас како полномошник на оштетената“, рече Шајн.
Тој посочи дека Сара не била ниту прашана дали сака да присуствува на судењето и да се соочи со обвинетиот, но таа инсистирала да биде присутна и да ја каже вистината за настанот.
„Оштетената Сара не ја прашаа дали може да биде присутна, ние инсистиравме да биде, бидејќи правда мора да има. Нас ни кажаа дека обвинетиот е во притворското одделение, но не го видов“, изјави адвокатот.

Основното јавно обвинителство во Охрид поднесе обвинение против Корабоски за три кривични дела – телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста.
„При вршење семејно насилство, обвинетиот противправно ја затворил, физички ја нападнал, телесно ја повредил и ја загрозил сигурноста на една оштетена“, соопштија претходно од Обвинителството.
Според досегашните информации, нападот се случил на 15 ноември, околу два часот по полноќ. На физичкиот напад му претходела расправија што започнала во домот на обвинетиот, а продолжила во автомобил. Според полициските информации, Корабоски физички ја нападнал девојката, а насилството продолжило и откако го запрел возилото. Сара изгубила свест и била пренесена во болница.
По нападот, Ѓорѓиеска била хоспитализирана, а по отпуштањето од Специјалната болница „Св. Еразмо“ во Охрид, биле извршени дополнителни медицински испитувања во Скопје.

Во рамките на истрагата, Обвинителството обезбедило медицинска документација, вештачење на повредите, како и видеоснимки поврзани со настанот.
Случајот предизвика бурни реакции во јавноста и откако Корабоски првично беше пуштен на слобода со мерки на претпазливост. На 16 ноември, поради нови околности во постапката, тој повторно беше приведен, а Основниот суд во Охрид му определи 30-дневен притвор поради опасност од бегство и повторување на кривичните дела.
Паралелно со судската постапка, Одделот за внатрешна контрола при Министерството за внатрешни работи врши проверки за евентуални пропусти во првичното полициско постапување.
Судскиот процес против Корабоски треба да продолжи на 1 декември, по донесувањето на одлуките за преостанатите барања за изземање. Неговата кривична одговорност за делата што му се ставаат на товар треба да се утврди во судската постапка.
Фото: Скопје1















