СДСМ: Владата ја задолжи земјата повеќе за две години отколку сите претходни влади за 35 години

Макфакс

28/11/2026

10:07

287

Големина на фонт

а а а

Опозицискиот СДСМ упати критики до премиерот Христијан Мицкоски по неговата изјава дека буџетот ќе биде предизвик во следните две години поради обврските за враќање на долговите и каматите, финансирање на буџетскиот дефицит и реализација на капиталните инвестиции.

Од партијата прашуваат како е можно буџетот да претставува предизвик кога, како што велат, власта постојано се фали дека Македонија е „трета економија во Европа“. Истовремено, СДСМ обвинува дека јавниот долг за две години е зголемен за 50 отсто и дека задолжувањата се случуваат речиси секоја недела.

Од опозициската партија оценуваат дека капиталните инвестиции се недоволни, додека јавните средства се трошат за, како што наведуваат, сомнителни тендери.

Во реакцијата се критикува и економската состојба на граѓаните, при што СДСМ посочува на растот на трошоците за живот, цените на парното и најавеното поскапување на електричната енергија.

Партијата ги отвора и прашањата за состојбите во пензискиот систем и минималната плата, оценувајќи дека граѓаните сè потешко ги покриваат основните животни потреби.

„Вистината е едноставна. Ја задолживте земјата повеќе за две години отколку сите претходни влади за 35 години. Пари има само за криминални тендери“, обвинуваат од СДСМ.

Од партијата ја завршуваат реакцијата со пораката: „Држава, не банда“.