Почнува Божиќниот пост: Кога се пости на вода, кога е дозволена риба, а кога масло

Макфакс

28/11/2026

10:41

289

Големина на фонт

а а а

Денеска, 28 ноември, започнува Божиќниот пост, кој ќе трае 40 дена, сè до Бадник, 6 јануари, кога православните верници се подготвуваат за празникот Христово раѓање – Божиќ.

Пресвитера Ивана, сопруга на свештеник во дијаспората, на својот инстаграм-профил @OrthodoxLifeWithIvana објави календар за сите 40 дена од постот, со преглед на деновите кога се пости на вода, кога е дозволена употреба на масло и кога може да се јаде риба.

Во објавата таа потсетува дека постот не е само телесно воздржување од одредена храна, туку и духовна подготовка за Рождеството Христово, преку молитва, покајание, простување и милосрдие.

„Постот го живееме и кога ќе се воздржиме од остар збор, кога први ќе побараме прошка или кога ќе споделиме оброк со некого кому му е потребен“, наведува Ивана.

Таа нагласува дека календарот го прикажува општото епархиско правило, но дека мерката на телесниот пост е лична и треба да се приспособи на здравствената состојба, работните обврски и животните околности на секој верник.

На оние кои за првпат ќе постат им препорачува да започнат со едноставен посен оброк, неколку минути молитва и едно дело на милосрдие, а за начинот на постење да побараат благослов и насока од својот свештеник.

„Благословен Божиќен пост!“, порачува таа.