Сините чевли со препознатливата тока станаа многу повеќе од моден додаток. Кери Бредшо ги прослави во „Сексот и градот“, а нивната приказна доби и тажно продолжение.
Постојат модни парчиња што траат една сезона, оние што повторно се враќаат во мода, но и оние што стануваат дел од историјата на популарната култура. Токму такви се сините чевли на Маноло Бланик, кои благодарение на Кери Бредшо од серијата „Сексот и градот“ станаа многу повеќе од луксузен моден додаток.

Маноло Бланик, шпански дизајнер на обувки, е роден на денешен ден, 27 ноември 1942 година, на Канарските Острови. Иако денес неговото име е синоним за елегантни, женствени и препознатливи чевли со високи потпетици, неговиот професионален пат не водел кон модната индустрија уште од самиот почеток.
Го интересирала уметноста, а првично сакал да се занимава со сценографија. По студиите по книжевност во Женева и уметност во Париз, се преселил во Лондон, каде што во почетокот на седумдесеттите години почнал да се приближува кон светот на модата. Пресудна била средбата со Дајана Вриланд, тогашната уредничка на американскиот „Vogue“, која го охрабрила да се посвети на дизајнирањето обувки.

Првата продавница ја отворил во Лондон во 1973 година, а неговите креации набрзо го привлекле вниманието на модните инсајдери, познатите личности и жените кои барале нешто поинакво од масовното производство на чевли. Сепак, светската препознатливост на неговото име му ја донесе и една телевизиска хероина.
Кери Бредшо и чевлите што станаа дел од телевизиската историја
Кога се зборува за серијата „Сексот и градот“, тешко е да се заобиколи љубовта на Кери Бредшо кон обувките. Нејзината гардероба беше речиси подеднакво важна како и љубовните заплети, а чевлите на Маноло Бланик имаа посебно место во неа.

Во една од епизодите на серијата, Кери дури останува без своите омилени чевли, по што ја изговара една од најпознатите реченици поврзани со дизајнерот: „Сонував дека ме ограбиле. И ми ги зедоа моите „Manolo“!“.
Сепак, најпознатиот момент се случи во филмот „Сексот и градот“ од 2008 година.
Откако венчавката со Ѕверка, односно Џон Џејмс Престон, не се одвива онака како што замислувала, Кери на крајот сепак го добива својот среќен крај. Во сцената што стана една од најпрепознатливите во филмот, Ѕверка ѝ подарува сини сатенски чевли „Manolo Blahnik Hangisi“, со препознатлива украсна тока.

Наместо дијамантски прстен, токму тие чевли стануваат симбол на неговата љубов и запросувањето. Кери потоа ги носи и на нивната венчавка во градското собрание, во комбинација со едноставен бел костум.
Така моделот „Hangisi“, кој Маноло Бланик го претстави во колекцијата за пролет/лето 2008 година, се здоби со статус на еден од најпознатите модели обувки во светот.
Интересно е што првично бил создаден во розова, црна и зелена боја, додека токму сината верзија стана најпрепознатлива благодарение на филмот.

Истите чевли ги носеше и на денот кога го загуби Ѕверка
Приказната за овие чевли доби уште поемотивно продолжение години подоцна, во серијата „And Just Like That...“, продолжение на „Сексот и градот“.
Уште во првата епизода, Кери повторно ги облекува своите познати сини чевли „Manolo“. Таа оди на настапот на Лили на пијано, а Ѕверка ја испраќа со комплимент. Меѓутоа, кога се враќа дома, го затекнува во бањата, каде што доживува срцев удар.

Додека се обидува да му помогне, Кери ги соблекува чевлите, а камерата покажува како тие остануваат на подот во туш-кабината, натопени со вода. Истиот пар што години претходно ја претставуваше љубовта, запросувањето и венчавката, сега станува дел од еден од најтажните моменти во целата приказна.
Овој детаљ не бил случаен. Костимографите на серијата сакале токму со овие чевли да ја заокружат приказната за Кери и Ѕверка, давајќи му на модното парче, кое публиката толку добро го познаваше, ново и многу потажно значење.

Од моден додаток до феномен на популарната култура
Иако Маноло Бланик беше ценето име во модната индустрија и пред „Сексот и градот“, серијата го приближи неговиот дизајн до милиони гледачи ширум светот. Неговото име стана нераскинливо поврзано со Кери Бредшо, а чевлите „Hangisi“ продолжија да живеат и надвор од телевизискиот екран.

Невестите ги избираа како алтернатива на класичните бели салонки, љубителките на модата ги чуваа фотографиите од овој модел како инспирација, а сината боја и украсната тока станаа препознатливи симболи на една телевизиска епоха.
Маноло Бланик во текот на кариерата создаде бројни модели, но токму овој пар покажа колку модата може да ја надмине својата основна функција. Понекогаш чевлите се само дел од модната комбинација, а понекогаш стануваат спомен на љубовна приказна што публиката никогаш не ја заборавила.











