Дали ладното кафе е поздраво од топлото?

Точка

27/11/2026

17:18

627

Големина на фонт

а а а

Неодамнешно истражување од 2026 година покажало дека кафето подготвено со ладен метод, познато како „cold brew“, има повисока антиоксидативна активност од неколку видови топло кафе.

Но дали тоа значи дека е поздраво? Одговорот не е едноставен, а најпрво треба да се разјасни дека кафето со мраз и „cold brew“ не се исто.

Двајца експерти за храна објаснија како температурата на подготовка влијае врз кафето и што значат новите сознанија. Нивниот заклучок е дека нема посебна причина да ја менувате својата нарачка, освен ако кафето што го пиете не е премногу слатко или жешко, пишува „Real Simple“.

Како температурата на подготовка влијае врз составот на кафето

При споредбата на топлото и ладното кафе, методот и температурата на подготовка се поважни од температурата на послужување. Дел од пијалаците што се продаваат како кафе со мраз всушност се топло подготвено кафе прелеано врз мраз. Тоа не го менува значително хемискиот состав, иако може да го разреди.

Од друга страна, „cold brew“ се подготвува со повеќечасовно потопување на меленото кафе во ладна вода или вода на собна температура. Таквата долготрајна екстракција може да влијае врз количеството антиоксиданси.

Споменатото истражување споредило четири методи на подготовка и утврдило дека „cold brew“ има највисока антиоксидативна активност, како и поголеми концентрации на одредени хлорогенски киселини, соединенија што придонесуваат за антиоксидативните својства на кафето.


Сепак, Брајан Кво Ле, доктор на науки, експерт за храна и автор на книгата „150 Food Science Questions Answered“, не е убеден дека овие наоди му даваат здравствена предност на ладно подготвеното кафе.

„Разликите не се значајни. Повеќе станува збор за тоа колку кафе вкупно пиете отколку за самиот метод на подготовка“, вели тој.

Посочува и дека истражувачите користеле повеќе мелено кафе за „cold brew“ отколку за другите методи. Поголемото количество антиоксиданси не кажува многу ако употребените количества кафе не се споредливи.

Една студија не е доволна за големи заклучоци

„Ова е одличен пример зошто не треба да извлекуваме големи нутриционистички заклучоци врз основа на една студија“, вели д-р Шај Вишнумохан, експертка за храна и акредитирана диететичарка.

Таа објаснува дека претходните истражувања укажувале оти топлата вода е подобра за извлекување на антиоксидативните соединенија, додека поновите наоди покажуваат предност на „cold brew“ во одредени услови.


На пример, студија од 2018 година ги споредила топлиот и ладниот метод на подготовка користејќи зрна кафе од шест различни региони. Во тој случај, топло подготвеното кафе имало поголема антиоксидативна активност и повисоки концентрации на одредени киселини. Двата вида кафе имале слични pH-вредности.

Условите на подготовка, значи, можат да влијаат врз резултатите, но тие разлики не значат нужно и конкретни здравствени придобивки.

Кое кафе има повеќе здравствени придобивки?

„Кафето со мраз е приближно еднакво здраво како топлото“, вели Ле.

Тој нагласува дека антиоксидативниот потенцијал измерен во лабораторија не значи нужно дека организмот ќе ги апсорбира и искористи тие соединенија на начин што ќе донесе здравствена корист.


Вишнумохан се согласува: „Консумирањето кафе се поврзува со неколку долгорочни здравствени придобивки, но немаме убедливи докази дека изборот на ’cold brew‘ наместо топло кафе ги подобрува тие здравствени исходи“.

Прашањето дали повисоката антиоксидативна активност во лабораторија навистина значи и подобро здравје останува отворено. Затоа нејзиниот совет е да уживате во кафето на температурата што најмногу ви одговара.

Што е поважно за поздрава шолја кафе?

Освен начинот на подготовка, важна е и температурата на која го пиете кафето. Ако е жешко, оставете го да се олади неколку минути.

Ле посочува дека истражувањата го поврзуваат пиењето многу жешки пијалаци со зголемен ризик од рак на хранопроводот. Кафето треба да биде доволно оладено за да можете удобно да го пиете, без да ја изгорите устата.

Внимавајте и на количеството кофеин што го внесувате, колку шеќер додавате и како кафето влијае врз вашиот сон.

„Тоа е многу поважно од потрагата по што поголемо количество антиоксиданси“, заклучува Вишнумохан.