[ФОТО] „Ова е реткост во Европа“: Почнале да градат трафостаница, а под земјата нашле богатство старо 2.000 години

Точка

26/11/2026

09:32

354

Големина на фонт

а а а

Сребрени монети стари повеќе од 2.000 години, исклучителни парчиња накит, праисториски алатки и фрагмент од тула од римската ера со отпечаток од кучешка шепа биле пронајдени за време на ископувањата што претходеа на изградбата на трафостаница во Зомбатељ, во западна Унгарија, објави минатата недела компанијата за дистрибуција на електрична енергија „E.ON“.

Се наведува дека археолозите од Унгарскиот национален музеј откриле речиси 400 реликвии и неколку илјади артефакти кои датираат од 5-тиот милениум п.н.е. до почетокот на модерниот век, а најзначајното откритие е богатство од повеќе од 200 келтски сребрени монети, со вкупна тежина од повеќе од два килограми, кои потекнуваат од преминот од 2-риот во 1-виот век п.н.е., пренесува „MTI“.

Како што е наведено, меѓу пронајдените предмети се мала, полирана камена секира стара речиси 7.000 години, веројатно користена за расчистување на шуми, обработка на дрво и градежни работи, и стаклена монистра со мотив „пауново око“ од 7-6 век п.н.е., како и два зачувани рачно мелени камења од келтскиот период.

Се додава дека на тоа место имало „вила рустика“ во римско време, а откриени се и темелите на дел од таа зграда, со површина од 300 квадратни метри.

На тоа место е пронајдена и споменатата скршена тула со отпечаток, која некогаш служела како дел од капакот на грејната комора во рамките на системот за греење што го загревал целиот комплекс, се додава во соопштението.

Поединечни монети претходно биле пронајдени на ова земјоделско земјиште за време на орање, а по детално пребарување со детектори за метал, археолозите пронашле мал керамички сад полн со сребрени монети на длабочина од 40 сантиметри.

„Ова е реткост во Европа“, изјавил археологот Естер Крајтер од Унгарскиот национален археолошки институт, додавајќи дека последното слично откритие во Унгарија е забележано кон крајот на 1960-тите.

Монетите припаѓаат на типот „Велем“ и се моделирани според грчките тетрадрахми - од едната страна имаат стилизирана глава на богот Аполон, а од другата страна јавач со шлем и коњ. Ваквите сребрени монети имале голема вредност, па затоа не се користеле за секојдневна трговија, туку се чувале како богатство или се закопувале како ритуални подароци.