Откриен план за ограничување на вештачката интелигенција: Оваа граница "AI" не смее да ја премине

Точка

24/11/2026

09:03

415

Големина на фонт

а а а

Нова блог-објава на главниот научник на компанијата „OpenAI“, Јакуб Пахоцки, ги разгледува потенцијалните ограничувања во развојот на вештачката интелигенција, со фокус на мерката позната како перплексност („perplexity“).

Забавувањето на развојот на вештачката интелигенција стана особено актуелна тема откако еден поранешен истражувач во компаниите „OpenAI“ и „Anthropic“ изјави дека тие компании „се коцкаат со нашите животи“, а дури и документацијата на „Anthropic“ за иницијалната јавна понуда на акции („IPO“) навести дека оваа технологија би можела да претставува „катастрофални или егзистенцијални ризици за општеството“.

Извршниот директор на „Anthropic“, Дарио Амодеи, потоа објави план за „контрола на темпото на развој на најнапредните технологии“, кој, според сè, го поддржале и извршниот директор на „OpenAI“, Сем Алтман, и извршниот директор на „SpaceX“, Илон Маск. Меѓу другото, Амодеи ги повика компаниите да се усогласат околу „заеднички безбедносни стандарди, како и ограничувања на стапката на неконтролиран напредок на вештачката интелигенција“.

Меѓутоа, за да поставите ограничување на брзината на развојот на вештачката интелигенција, мора да се договорите како ќе ја мерите таа брзина. Објавата на Пахоцки – која Алтман ја опиша како „најважното нешто што ’OpenAI‘ го објавил во последно време“ – сугерира дека токму перплексноста, која не треба да се меша со истоимената компанија, би можела да биде таа мерка.

Според образложението на Пахоцки, тестовите за споредбено оценување („benchmarks“) што се фокусираат на „способностите за практична примена“ („downstream capabilities“) на вештачката интелигенција брзо застаруваат со напредокот на технологијата. Наспроти тоа, перплексноста – која „мери колку добро моделот во просек го предвидува следниот токен; пониска перплексност значи подобри предвидувања“ – останала „информативна“.


Објавата на Пахоцки содржи и графикон што прикажува како се намалувала перплексноста на моделите на „OpenAI“, почнувајќи од „GPT-3.5“.

„’GPT-4‘, на ниво од околу 0,91, беше вешт во продуктивното користење верижно расудување (’chain-of-thought‘), што го поттикна подоцнежниот насочен развој на оваа способност и создавањето на современите модели за расудување“, напиша тој. „Сега, кога достигнавме вредности на функцијата на загуба под 0,8, сведоци сме на појава на трансформативни способности во области како сајбербезбедноста и математиката“.


Затоа, според него, перплексноста би можела да послужи како основа за „заедничко мерило за општата интелигенција“, кое компаниите за вештачка интелигенција потоа би можеле да го користат за воспоставување „заеднички ограничувања“. Со перплексноста како стандардна мерка за напредокот на вештачката интелигенција, компаниите би се обврзале да не преминуваат одреден праг „сè додека нашата способност да го разбереме и следиме однесувањето на вештачката интелигенција не достигне одредена конкретна пресвртница“.