Јапонската корпорација „KDDI“ денеска претстави мобилен телефон со ограничени функции, наменет за луѓето што сакаат привремено да се воздржат од користење интернет.
Од „KDDI“ соопштија дека новиот телефон ќе почне да се продава следниот месец, пренесе порталот „NHK World“.
Новиот модел е дизајниран по примерот на телефоните што беа популарни на почетокот на 21 век, а неговите корисници не можат да преземаат апликации ниту да пристапуваат на интернет.

„Компанијата е насочена кон луѓето што сакаат привремено да бидат офлајн, бидејќи во денешното информациско општество поминуваат сè повеќе време на паметните телефони“, соопштија од компанијата.
Се очекува новиот телефон да ги привлече љубителите на ретроуреди и аналогната култура.

Сунахара Сатоши, менаџер во „KDDI“, вели дека компанијата се надева оти новиот телефон ќе им помогне на луѓето што вообичаено поминуваат премногу време гледајќи во екран. Американски и швајцарски производители претходно претставија слични мобилни телефони со минимални функции.







