[ФОТО] „Евклид“ откри квазар чија светлина патувала околу 13,1 милијарди години

Точка

25/11/2026

06:14

693

Големина на фонт

а а а

Квазарот J1504+6252 е најдалечниот што досега го открил вселенскиот телескоп „Евклид“. Во неговото средиште има црна дупка со маса од околу 360 милиони Сонца, иако светлината што ја гледаме потекнува од времето кога вселената имала само околу пет проценти од денешната старост.

Во објавата од 24 ноември, Европската вселенска агенција соопшти дека новиот објект го поместува претходниот рекорд на мисијата за околу 40 милиони години наназад во космичката историја. J1504+6252, наречен и Дун Ангаса по праисториска тврдина во Ирска, е првиот идентификуван квазар со црвено поместување над 8. Измерената вредност е 8,13.

Квазарот е мошне светло јадро на галаксија. Светлината ја создава материјалот што се загрева додека се движи околу супермасивната црна дупка. Колку повеќе вселената се проширува додека светлината патува до нас, толку повеќе нејзините бранови се поместуваат кон подолги бранови должини. Тоа им помага на астрономите да проценат колку рано во историјата на вселената го гледаат објектот.

Уметнички приказ на вселенскиот телескоп „Евклид“.

Уметнички приказ на вселенскиот телескоп „Евклид“. Илустрација: ESA / ATG CC BY-SA 3.0 IGO

„Џејмс Веб“ помогна да се процени масата на црната дупка. Според истражувачите, таа во таа далечна епоха привлекувала материјал релативно бавно за квазар. За толку рано да достигне околу 360 милиони сончеви маси, најверојатно поминала низ претходни периоди на многу побрз раст. Токму тоа е предизвик за моделите што објаснуваат како настанале првите супермасивни црни дупки.

Телескопската снимка на полето околу J1504+6252.

Телескопската снимка на полето околу J1504+6252. Заслуги: ESA/Euclid/Euclid Consortium/NASA, Wolf et al. 2026 CC BY-SA 3.0 IGO

Наодот е објавен на 24 ноември во Astronomy & Astrophysics. Според ESA, мисијата досега открила 12 нови квазари со црвено поместување над 7.

Кавер: J1504+6252 е црвената точка близу средината. Заслуги: ESA/Euclid/Euclid Consortium/NASA, Wolf et al. 2026 (CC BY-SA 3.0 IGO, приспособен кадар).