Како вештачката интелигенција влијае врз пазарот на труд: Програмерите најизложени на промени, угостителството и занаетите најмалку

Точка

24/11/2026

19:19

424

Големина на фонт

а а а

Вештачката интелигенција (AI) сè уште е далеку од остварување на својот целосен теоретски потенцијал на пазарот на труд, но податоците за нејзината реална употреба во деловното опкружување веќе јасно покажуваат кои професии се најизложени на промени, покажува ново истражување на компанијата „Anthropic“, творецот на моделот за вештачка интелигенција „Claude“.

Студијата со наслов „Влијанието на вештачката интелигенција врз пазарот на труд: Нова мерка и рани докази“, објавена од економистите Максим Масенкоф и Питер Мекрори, воведува нова метрика за „реална изложеност“. Наместо да го разгледуваат само она што големите јазични модели теоретски можат да го направат, истражувачите ги споредиле теоретските процени со реалните податоци за тоа како луѓето го користат моделот „Claude“ на работа.


Каде најмногу се користи "AI" во практиката?

Иако во секторот на компјутерските науки и математиката "AI" теоретски може да извршува 94 отсто од задачите, во секојдневната работа во моментов покрива околу 33 отсто.

Меѓу поединечните занимања, на врвот на листата според реалната покриеност на задачите се наоѓаат:

• Програмери: кај дури 75 отсто од задачите веќе е забележана примена на алатки за ВИ, првенствено поради нивната масовна употреба за пишување код.

• Оператори во корисничката поддршка: на второто место, со сè поголем удел на директната автоматизација преку програмски интерфејси („API“).

• Работници за внесување податоци: покриеност од 67 отсто, бидејќи читањето документи и внесувањето податоци во системите во голема мера се автоматизираат.

Од друга страна, кај околу 30 отсто од работниците на пазарот речиси и да не е забележана покриеност на задачите со вештачка интелигенција. Во таа група спаѓаат занимања што бараат физичка работа и присуство на самото место, како готвачи, механичари, спасувачи на базени, бармени, мијачи на садови и гардеробери.


На удар се пообразованите и подобро платените работници

Анализата на демографските податоци од американскиот пазар на труд покажува дека работниците во најизложените професии имаат значително поинаков профил од оние чии работни места не се подложни на автоматизација.

Вработените во најизложената четвртина од занимањата во просек заработуваат 47 отсто повеќе од работниците што не се изложени на влијанието на "AI". Исто така, станува збор за значително пообразована работна сила: уделот на вработените со постдипломски дипломи во најизложените професии изнесува 17,4 отсто, што е речиси четирипати повеќе отколку во неизложената група (4,5 отсто). Покрај тоа, меѓу најизложените работници уделот на жените е поголем за 16 процентни поени.

Податоците на американското Биро за статистика на трудот („BLS“) за периодот од 2024 до 2034 година покажуваат и блага поврзаност меѓу реалната изложеност и идниот раст на бројот на работни места: за секои 10 процентни поени поголема покриеност на задачите со вештачка интелигенција, предвидениот раст на вработувањето во таа професија се намалува за 0,6 процентни поени.


Нема масовни откази, но младите потешко доаѓаат до работа

Еден од клучните наоди на истражувањето е дека од крајот на 2022 година, кога започна наглиот подем на генеративната вештачка интелигенција, не е забележан систематски раст на невработеноста меѓу работниците во најизложените професии.

Сепак, авторите на студијата наведуваат дека постојат рани показатели што укажуваат дека вработувањето помлади работници забавило токму во занимањата најизложени на вештачката интелигенција. Истражувачите нагласуваат дека технологијата сè уште е далеку од целосното искористување на својот потенцијал поради законските ограничувања, потребата од човечка проверка и техничките пречки, но дека воспоставената рамка овозможува идните промени на пазарот на труд да се забележат навреме, пред да доведат до поголеми нарушувања.