ДОМ: Попустите не решаваат ништо, младите остануваат без дом додека илјадници станови стојат празни

Макфакс

23/11/2026

11:20

307

Големина на фонт

а а а

Партијата ДОМ критикува дека најавените мерки за поттик на домувањето не се доволни за младите луѓе кои се соочуваат со недостапни цени на становите и укажува на потребата од активација на постојниот станбен фонд и подобри политики за достапно домување.

Не е задача на државата да ги субвенционира цените на прескапите станови. Нејзина задача е да спречи илјадници домови да стојат празни додека младите немаат каде да живеат. Вистинска станбена политика не се гради со попусти за скап квадрат, туку со ставање во функција на постојниот станбен фонд, велат од ДОМ.

„Премиерот Христијан Мицкоски најави попуст при купување стан, нула комуналии за изградба на куќа и дополнителни мерки за младите. Но наместо да го решава проблемот со недостапното домување, Владата повторно нуди мерки што звучат атрактивно во јавноста, а не ја менуваат реалноста со која се соочуваат младите луѓе. Клучното прашање останува неодговорено: како млад човек со просечна плата да дојде до сопствен дом во услови кога цените на становите достигнуваат и над 3.000 евра за квадратен метар?“, прашуваат од ДОМ.

Од партијата велат дека дури и со најавениот попуст од 20 проценти, стан од 3.000 евра за квадрат би чинел 2.400 евра за квадратен метар, што, како што велат од ДОМ, за огромен дел од младите семејства тоа и понатаму е недостижно.

„Истото важи и за ослободувањето од комуналии за изградба на куќа. Без достапно градежно земјиште, инфраструктура и значителни сопствени средства, оваа мерка е недостижна за мнозинството млади брачни парови. Владата повторно го насочува вниманието кон изградба на нови станови и куќи, наместо кон едно многу поважно прашање: што ќе се направи со огромниот број веќе изградени, а неискористени станови?“, велат од ДОМ.

ДОМ смета дека политиката за домување мора да се заснова на јавниот интерес и реалните потреби на младите, а не првенствено на интересите на градежното лоби и континуираното ширење на станбената изградба.

„Затоа предлагаме: активирање на празниот станбен фонд преку воведување повисок данок за долгорочно празни станови и други механизми што ќе го обесхрабрат нивното држење надвор од употреба. Даночни поволности за станови што реално се издаваат на млади лица и млади семејства по достапни и регулирани цени. Регулирање на пазарот на закуп преку стандардизирани договори, подобра заштита на кираџиите и субвенционирање на дел од киријата за младите. Создавање Фонд за достапно домување преку обнова и ставање во функција на неискористени државни и општински објекти за поволен закуп и апирање на прекумерната бетонизација и урбанистичко планирање насочено кон квалитет на живеење, зелени површини и одржлив развој на градовите“, велат од ДОМ.

Од партијата бараат одговори од Владата колку празни станови има во државата, колку од нив се надвор од пазарот со години, што конкретно ќе преземе за тие станови да станат достапни за живеење и зошто се стимулира нова изградба, наместо да се активира постојниот станбен фонд?

„Без одговор на овие прашања, најавените мерки остануваат само добро спакуван маркетинг, додека станбената криза за младите продолжува да се продлабочува. Владата не смее да ја мери успешноста на станбената политика по бројот на новоизградени квадрати, туку по бројот на млади луѓе кои успеале да обезбедат пристоен и достапен дом“, велат од партијата.