Новинар на Би-би-си го праша Путин дали е подготвен да ја заврши војната; снимката од разговорот објавена на социјалните мрежи

Макфакс

23/11/2026

06:40

1.724

Големина на фонт

а а а

Новинар на Би-би-си го праша рускиот претседател Владимир Путин дали е подготвен да ја заврши војната во Украина. Во разговорот, Путин ја обвини Украина за напади и повторно побара повлекување на украинските сили од остатокот на Донбас, додека истовремено изјави дека Русија сака крај на конфликтот.

Долгогодишниот дописник на Би-би-си од Русија, Стив Розенберг, директно го праша рускиот претседател во Шенжен, Кина – по трилатералната средба меѓу Владимир Путин, Доналд Трамп и Ши Џинпинг – дали е подготвен да ја заврши војната во Украина. Снимката од разговорот тој ја објави на социјалната мрежа Икс.

Розенберг го потсети Путин на усвоената мировна декларација и на неговата претходна изјава дека САД, Русија и Кина сносат заедничка одговорност за одржување на меѓународниот мир и безбедност, истакнувајќи дека тоа е во директна спротивност со фактот што Русија продолжува да ја напаѓа Украина. Во својот одговор, рускиот претседател тврдеше дека Москва сака крај на „конфликтот“, но како услов повторно побара Украина да го предаде остатокот од Донбас, кој руската армија не успеа да го освои.

„Тоа не беше само убава слика за камерите“

На почетокот, новинарот на Би-би-си побара од Путин да ја оцени средбата со американскиот и кинескиот лидер – дали станува збор за почеток на нов глобален безбедносен формат или само за „убава слика“ на тројцата лидери на маса – и дали Доналд Трамп, за време на разговорот, побарал од него да ја запре војната.

„Не е ниту едното, ниту другото. Тоа не беше само слика за камерите, туку сериозна заедничка работа. Дали е тоа почеток на нов формат? Засега не, бидејќи не се договоривме редовно да се состануваме во таков состав“, одговори Путин. Тој додаде дека сите тројца се согласиле оти средбата била корисна и значајна, а нејзината цел била да се бараат заемно прифатливи решенија во областа на безбедноста, без наметнување одлуки врз други земји.

Путин ја обвини Украина за напади, но премолче кој кого нападнал

Одговарајќи на делот од прашањето што се однесува на руските напади врз Украина, Путин се обиде да ја префрли одговорноста врз Киев, додека – како што и самиот Розенберг посочува во својата објава со видеото – целосно премолчe за фактот дека Украина се брани од руската инвазија. „А зарем не ги забележавте нападите врз Кримскиот мост, објект што е чисто цивилен? Како и 40-дневната нападна операција врз руските енергетски постројки и нашите танкери, најавена на 4 јуни оваа година? Зар тоа не се сериозни удари? Затоа, би било, најблаго кажано, неточно да се тврди дека тоа било исклучиво иницијатива на руската страна“, изјави Путин.

Украина „да ги предаде преостанатите 10 отсто од Доњецкиот регион“

Путин потоа изјави дека и Ши Џинпинг и Доналд Трамп изразиле желба за ставање крај на војната, додавајќи дека „Русија нема желба да го продолжува овој вооружен конфликт“. Сепак, тој повторно ја префрли вината за продолжувањето на борбите врз украинското раководство, кое го нарече „режим што произлезе од државен удар“.

„Проблемот денес не е кај нас, туку кај украинската страна. Ако сакаат да го завршат конфликтот, треба да се согласат на компромисите што ги предложија Американците уште пред разговорите во Анкориџ. Ние се согласивме на нив, а сега е ред на Украина“, рече Путин, повторувајќи го барањето украинските сили да се повлечат од преостанатиот дел на Донбас.

„Украина вели дека ќе ги задржи преостанатите 10 отсто од територијата на Доњецк уште некое време. Но, ако ги задржат некое време, а потоа секако не ќе можат да ги задржат, дали има смисла да се држат до тие 10 отсто по секоја цена?“ – праша рускиот претседател.