Општина Ѓорче Петров инвестираше во нова енергетски ефикасна фасада на детската градинка „Детелинка“, што ќе ја подобри топлинската изолација и условите за престој на децата и вработените. Во следната фаза ќе се реконструира и системот за греење со нова топлинска пумпа.
Детската градинка „Детелинка“ доби нова енергетски ефикасна фасада, со вкупна површина од 900 квадратни метри.
„Со поставувањето на новата фасада за чија реализација Општината инвестираше 1.600.000 денари од сопствениот буџет, значително се подобрува топлинската изолација на објектот, се создаваат поповолни услови за одржување на оптимална температура во просториите и се овозможува поефикасно искористување на енергијата. Најважно од се, инвестицијата придонесува за поздрава, потопла и попријатна средина за децата и вработените“, велат од Општината.

Активностите продолжуваат и во следната фаза, кога со поддршка од УНОПС ќе се реализира реконструкција на комплетниот систем за греење во градинката. За таа цел, Општина Ѓорче Петров ќе обезбеди средства од сопствениот буџет за набавка и поставување на нова топлинска пумпа.
Се додава дека со ваквите инвестиции, Општина Ѓорче Петров продолжува да вложува во модернизација на детските установи, подобрување на енергетските перформанси на јавните објекти и создавање поквалитетни услови за престој, развој и воспитување на најмладите.








