Авионските билети во Европа би можеле да поскапат за дури 20 отсто

Макфакс

23/11/2026

10:00

402

Големина на фонт

а а а

Патниците кои ќе летаат следното лето ќе се соочат со зголемување на цените на авионските билети поради порастот на цените на авионското гориво и намалувањето на бројот на достапни седишта. Европските авиокомпании, вклучувајќи го и Ryanair, предвидуваат поскапување до 20 отсто за летните билети.

Патниците кои планираат да летаат следното лето се соочуваат со низа неповолни околности. Поради растот на цените на авионското гориво и намалувањето на бројот на достапни седишта – мерки што авиокомпаниите масовно ги спроведуваат за да ги покријат трошоците – патувањето ќе бара поголем буџет. Индустриските здруженија и авиопревозниците веќе ја подготвуваат јавноста за поскапувања, при што „Рајанер“ дури излезе и со конкретна проценка за зголемување на цените до 20 отсто.


Според податоците на Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (IATA), еден тон авионско гориво на крајот од февруари 2026 година чинел приближно 700 долари. По нападот на САД врз Иран, цената нагло пораснала, достигнувајќи околу 1.800 долари за тон во април. Подоцна почнала да опаѓа, но до втората недела од ноември сè уште изнесувала 1.341 долар – речиси двојно повеќе од цената забележана во февруари.

Зошто авионските билети би можеле да бидат поскапи следното лето?

Минатото лето, авиокомпаниите беа во поповолна положба бидејќи однапред се заштитиле од нагли скокови на цените на горивото. Пред да избие конфликтот со Иран, тие ги фиксирале цените за околу 80 отсто од нивната проектирана потрошувачка на гориво, што значи дека само преостанатите 20 отсто морале да ги набават по значително повисоки пазарни цени.


За летото 2027 година, ситуацијата е поинаква. „Проблемот ќе се појави следното лето, за кое повеќето авиокомпании моментално имаат фиксирани цени за само околу 25 отсто од нивната проектирана потрошувачка на гориво“, предупредува Хавиер Гандара, претседател на Здружението на авиокомпании (ALA), кое застапува 60 авиопревозници со најголем обем на сообраќај во Шпанија.

„Прашањето не е само количината на гориво што ја обезбедиле однапред, туку и цената. Таа е значително повисока отколку минатото лето и се движи меѓу 800 и 1.000 долари за тон“, додава Гандара.

Авиокомпаниите веќе го намалуваат капацитетот на седишта.

Еден пример е британскиот авиопревозник Jet2.com, кој превезува голем број туристи во Шпанија. Компанијата одлучи да го намали капацитетот на достапни седишта за 240.000 во текот на оваа зима. Оваа одлука ја припиша на големиот дел од своите потреби за гориво за кои претходно немаше утврдено фиксна цена.

За следното лето, Jet2 има обезбедено цени за само 50 отсто од проектираната потрошувачка на гориво, по цена од 837 долари за тон. За оваа зима, пак, има утврдено фиксни цени за 91 отсто од потрошувачката, по цена од 880 долари за тон.

Ryanair предупредува на зголемување на цените до 20 отсто

Ryanair, најголемата европска авиокомпанија според бројот на патници, исто така очекува значително зголемување на трошоците.


„Доколку конфликтот на Блискиот Исток не се реши наскоро, очекуваме цените на авионското гориво да останат високи во текот на поголемиот дел од 2027 година. Како што ќе истекуваат претходните договори – преку кои авиокомпаниите обезбедуваа поповолни цени на горивото – европските превозници ќе се соочат со значително повисоки трошоци“, се наведува во извештајот на Ryanair.

Компанијата очекува дека, поради поскапото гориво и намалувањето на бројот на достапни седишта кај конкурентните авиокомпании, цените на билетите за кратките летови во Европа значително ќе пораснат.

Во неодамнешното интервју за CNBC, извршниот директор на Ryanair, Мајкл О’Лири, го повтори предупредувањето што го упати еден месец претходно во Брисел. Тој процени дека цените на авионските билети би можеле да се зголемат дури за 20 отсто.