Пластичното шише во казанчето за вода може да ја намали потрошувачката при секое пуштање вода, особено кај постарите тоалетни школки. Дознајте како правилно се поставува и колкава заштеда може да се постигне.
Во време кога многумина бараат начини да ги намалат домашните трошоци, дури и малите промени во секојдневните навики можат да донесат одредена заштеда. Еден од триковите што повторно го привлекува вниманието на социјалните мрежи и странските портали вклучува предмет што речиси секој го има дома – обично пластично шише. Сепак, наместо во кантата за рециклирање, според овој совет, неговото место е во казанчето на тоалетот.
Како што пишува порталот „TheCoolist“, станува збор за стар метод за заштеда на вода, кој повторно стана актуелен откако за него известија чешките медиуми. Идејата е едноставна: пластично шише наполнето со вода, песок или камчиња зафаќа дел од просторот во казанчето, поради што при секое пуштање вода се троши помала количина.

Иако на прв поглед звучи необично, зад овој трик се крие едноставен физички принцип. Шишето истиснува одредена количина вода од резервоарот, додека казанчето и понатаму се полни до вообичаеното ниво. Бидејќи во него има помалку вода, помала количина се троши и при испирањето на тоалетната школка.
Според податоците на американската Агенција за заштита на животната средина (EPA), испирањето на тоалетната школка сочинува речиси 30 проценти од вкупната потрошувачка на вода во просечно американско домаќинство. Притоа, постарите и помалку ефикасни модели можат да потрошат дури 23 литри вода при едно испирање. Токму кај ваквите казанчиња оваа метода може да има најголема корист.
За почеток, потребно е да изберете помало пластично шише или сличен сад што ќе може да го собере во казанчето. Шишето треба да го наполните со вода или камчиња за да не плови, а потоа добро да го затворите.
Откако ќе го подигнете капакот на казанчето, пронајдете слободно место каде што шишето нема да го допира пловакот, вентилот за полнење или другите делови од механизмот за испирање. Ова е воедно и најважниот дел од постапката. Доколку шишето го попречува функционирањето на пловакот или вентилот, може да дојде до неправилно полнење на резервоарот, послабо испирање или непотребно истекување вода.

По поставувањето на шишето, пуштете вода неколкупати и проверете дали сè функционира како претходно. Доколку казанчето нормално се полни, вентилот правилно го запира дотокот на вода, а испирањето останува ефикасно, оваа метода може да помогне во намалувањето на потрошувачката.
Сепак, треба да имате предвид дека овој трик првенствено се препорачува за постари казанчиња што трошат големи количества вода. Кај поновите тоалетни школки, особено оние со двојно испирање, дополнителното намалување на количината вода може да биде непотребно, па дури и контрапродуктивно.
Дека поставувањето пластично шише во казанчето не е само интернет-трик покажуваат и препораките на експертите од американскиот Универзитет во Небраска – Линколн. Во стручен текст објавен уште во 2013 година, посветен на намалувањето на потрошувачката на вода во домаќинствата, се наведува дека со поставување пластичен сад наполнет со вода или камчиња во постаро казанче може да се заштедат до 3,8 литри вода при секое испирање.

Според нивните податоци, постарите тоалетни школки трошат приближно од 13 до 19 литри вода при едно испирање, а некои и повеќе. Со намалување на количината вода во резервоарот можно е да се постигне заштеда без да се замени целата тоалетна школка.
Доколку при секое испирање заштедите еден литар вода, а тоалетната школка се користи десет пати дневно, годишната заштеда би изнесувала околу 3.650 литри. Станува збор за илустративна пресметка, додека вистинската заштеда зависи од големината на шишето, видот на казанчето и зачестеноста на користењето.