Актерката Ел Фанинг (28) го привлекла вниманието со необична модна комбинација на њујоршката премиера на филмот „Игрите на гладните: Изгрејсонце над жетвата“, одржана на 16 ноември.
На црвениот килим се појавила во раскошен фустан од модната куќа „Живанши“, украсен со старински кутивчиња за пудра, мали огледала и други козметички производи.
Нејзиниот изглед бил инспириран од ликот на Ефи Тринкет, кој го толкува во новиот филм, пишува Пејџ сикс“.
Фанинг носела специјално изработена креација на модната куќа „Живанши“, зад која стои дизајнерката Сара Бартон. Фустанот имал структурирано горно делче, нагласена половина и раскошно здолниште од тул кое се спуштало до подот.
Најголемо внимание привлекле украсите на горниот дел од фустанот. Од деколтето до колковите биле зашиени вистински старински козметички производи, меѓу кои кутивчиња за пудра, мали огледала, кармини и сунѓерчиња за нанесување шминка.
Креацијата е изработена според модел од колекцијата на „Живанши“ за есен/зима 2025 година, но била значително изменета за актерката. Оригиналната верзија била кратка, додека Фанинг носела долг фустан со волуменозно здолниште.
За нејзиниот изглед била задолжена стилистката Саманта Мекмилен, која го ангажирала познатиот британски дизајнер на шапки Стивен Џонс.

Тој изработил специјален украс за глава со отворено козметичко огледало, кој актерката го носела врз кратка, кадрава руса перика. Инспирацијата ја пронашол во сопствената креација од 1996 година, создадена за „Живанши“, во периодот кога со модната куќа раководел Џон Галијано.
Фанинг го надополнила целиот изглед со впечатлива сина сенка за очи, руменило во црвеникави нијанси и впечатлив кармин. Накитот вклучувал и старински парчиња од „Картие“, кои датираат од 1930-тите и 1940-тите години.

Интересно е што Фанинг не била единствената актерка која на премиерата со својот моден избор му оддала почит на ликот на Ефи Тринкет.

Елизабет Бенкс, која го толкувала овој лик во претходните филмови од серијалот „Игри на гладта“, исто така избрала театрална модна комбинација. Таа носела горен дел од кадифе и долго здолниште со крој на сирена и врвки, дизајнирани од Кристијан Сиријано, како и украс за глава со пердуви, дело на дизајнерката Лин Паик.
За забавата по премиерата, двете актерки се пресоблекле. Фанинг избрала креација од органза на Марк Џејкобс и уште еден украс за глава од Џонс, додека Бенкс го заменила долгото здолниште со црно кожено здолниште.

Фанинг во филмот „Игри на гладта: Sunrise on the Reaping“ ја толкува помладата верзија на Ефи Тринкет, ексцентричната претставничка на Капитол, позната по раскошната облека, необичните фризури и впечатливата шминка.
Дејството на новиот филм се одвива за време на 50-тите Игри на гладните, а во центарот на приказната е младиот Хејмич Абернати, кого го толкува Џозеф Зада. Филмот е базиран на романот на Сузан Колинс, а режијата е на Френсис Лоренс. Филмот почнува да се прикажува во кината на 20 ноември 2026 година.