Ресторан забрани влез за деца помлади од 15 години, сопственичката: „Возрасните заслужуваат мир“

Точка

11/11/2026

21:23

441

Големина на фонт

а а а

Одлуката на еден канадски ресторан да забрани влез за деца помлади од 15 години предизвика голема дебата на социјалните мрежи. Додека едни ја поддржуваат идејата за ресторан во кој возрасните можат да уживаат во мир, други сметаат дека станува збор за дискриминација на семејствата со деца. Сопственичката, сепак, нема намера да попушти пред критиките.

Станува збор за ресторанот со јамајканска кујна „Miss Christine’s Kitchen“ во канадскиот град Винипег, чие отворање е најавено за 30 ноември. На менито ќе се најдат традиционални карипски јадења, меѓу кои динстувана воловска опашка и пилешко подготвено со карактеристични јамајкански зачини.


Меѓутоа, наместо со гастрономската понуда, ресторанот го привлече вниманието на јавноста со правилото според кое на гости помлади од 15 години нема да им биде дозволен влез во ресторанот.

Сакаат простор во кој „возрасните ќе можат да се опуштат“

Сопственичката и главна готвачка Кристин Патисон ја објавила одлуката на социјалните мрежи, објаснувајќи дека сака да создаде пријатна и релаксирачка атмосфера во која гостите ќе можат да уживаат во храната и дружењето без вознемирување.

„Во Miss Christine’s Kitchen сакаме да создадеме топла и опуштена атмосфера во која ќе може да се ужива во одлична храна и пријатно друштво“, порачала Кристин.

Таа објаснила дека ресторанот е замислен како интимен простор во кој возрасните можат да се одморат од секојдневните обврски, без разлика дали доаѓаат на романтична вечера, деловен состанок или едноставно сакаат да поминат мирна вечер.

„За да ја зачуваме таквата атмосфера, примаме гости на возраст од над 15 години. Ве молиме да го почитувате нашето правило додека се трудиме на секој гостин да му овозможиме автентично искуство“, навела Патисон.

Едни воодушевени, други сметаат дека станува збор за дискриминација

Објавата набрзо предизвикала бројни реакции. Дел од корисниците на социјалните мрежи ја поддржале одлуката, истакнувајќи дека не мора сите угостителски објекти да бидат приспособени за деца.

„Како татко на три деца помлади од осум години, целосно ја поддржувам оваа одлука. Не мора сите места да бидат наменети за деца“, напишал еден корисник на Фејсбук.

Други порачале дека би сакале да видат повеќе ресторани со слични правила, а некои најавиле дека со задоволство ќе ги остават децата дома за да можат да уживаат во вечера без детска врева.

Сепак, сите не се воодушевени. Дел од јавноста смета дека во рестораните не треба да постои старосно ограничување и дека родителите треба да имаат право сами да одлучат дали ќе ги поведат своите деца.

„Ако станува збор за ресторан, не би требало да има старосно ограничување. Ова не е бар во кој се служи алкохол. Мислам дека родителите треба да имаат право да ги носат своите деца во ресторан“, изјавил еден од критичарите за „CTV News“.

Друг предупредил дека општеството и онака е доволно исклучувачко и дека треба да се поттикнува инклузивноста, наместо дополнително да се ограничува пристапот на одредени групи луѓе. Некои критичари отишле и чекор понатаму, тврдејќи дека ваквата забрана би можела да претставува кршење на човековите права.

Ресторанот сè уште не е отворен, а веќе добива негативни рецензии

Дебатата набрзо прераснала во нешто посериозно од обична размена на мислења на социјалните мрежи.

На интернет почнале да се појавуваат негативни рецензии за ресторанот, иако тој сè уште не ги отворил вратите за гостите. Некои му доделувале најниски оценки, а имало и такви кои изнесувале тврдења за труење со храна или нељубезен персонал, иако ресторанот сè уште не започнал со работа.


Еден од критичарите ја обвинил сопственичката дека намерно предизвикува контроверзии за да привлече внимание, притоа критикувајќи ги и промотивните содржини на ресторанот.

Патисон на Фејсбук објавила снимки од екранот со спорните рецензии, со цел да предупреди на она што таа го смета за организирани напади врз нејзиниот бизнис. Од интернет-платформите побарала да ги отстранат лажните оценки и коментари.

„Зошто другите гости би морале да трпат деца кои трчаат наоколу?“

И покрај критиките, сопственичката останува на својата одлука. Во разговор за „Winnipeg Free Press“, таа истакнала дека и самата е мајка и баба и дека нејзината одлука не произлегува од нетрпеливост кон децата, туку од долгогодишното искуство во угостителството.

„Зошто би било праведно луѓето кои напорно работат и доаѓаат да се опуштат да мораат да трпат деца што трчаат наоколу?“, прашала таа.

Таа рекла дека низ годините повеќепати се соочила со ситуации во кои децата им пречеле на другите гости. Според неа, некои гости токму поради тоа барале подоцнежни термини за вечера или маси во помирните делови на ресторанот.


Таа објаснила и дека нејзиниот ресторан има само 30 места и дека е замислен како интимен простор со придушено осветлување, без содржини наменети за деца.

„Зошто би довеле дете во таков простор ако таму нема ништо што би му било интересно? На тој начин се нарушува и искуството на самото дете“, смета Патисон.

Таа е свесна дека поради ваквото правило би можела да изгуби дел од гостите, но верува дека оние кои ја ценат нејзината храна ќе продолжат да доаѓаат. На семејствата со помали деца им останува можноста да нарачаат храна за носење или со достава.

„Не станува збор за тоа дека децата не смеат да ја јадат мојата храна. Постојат достава и можност за подигнување на нарачките, па не гледам во што е дискриминацијата“, изјавила таа за „CTV News“.


Се огласи и Комисијата за човекови права

Патисон на социјалните мрежи објавила дека добила одговор од Комисијата за човекови права на канадската покраина Манитоба, до која се обратила за да провери дали старосното ограничување е во согласност со законот.


Според нејзините зборови, од Комисијата ѝ порачале дека за поведување постапка мора да бидат исполнети одредени услови поврзани со докажувањето на дискриминацијата и нејзините последици.

„Ми рекоа дека сè е во ред. Тоа е сè што ќе кажам во врска со ова“, напишала таа.