Спиете на грб, на страна или на стомак? Лекарите објаснуваат која положба е најдобра за грбот, а која е најмалку препорачлива

Точка

11/11/2026

07:32

1.467

Големина на фонт

а а а

Повеќето луѓе со години спијат во иста положба и не се прашуваат дали таа им одговара. Лекарите велат дека не постои идеална положба, но дека спиењето на страна, на грб или на стомак може да ги ублажи или да ги влоши болките во грбот, 'рчењето и жиговината.

Положбата во која спиеме главно ја избираме според навиката, а не затоа што сме размислиле што е добро за нашето тело. Сепак, според „Sleep Foundation“, американски портал чии текстови ги прегледуваат специјалисти по медицина на спиењето, положбата на телото во текот на ноќта влијае врз 'рбетот и зглобовите, но и врз дишењето и ризикот од жиговина.

Специјалистката по медицина на спиењето Ненси Фолдвари-Шефер истакнува дека одговорот не е ист за сите.

„Идеалната положба за спиење зависи од потребите на секој поединец“, вели таа за „Cleveland Clinic“.

Ако наутро се будите одморени, без болки и не 'рчите, нема причина да ја менувате навиката. Сепак, кај одредени здравствени проблеми, промената на положбата може да помогне.

Спиење на грб: За болки во вратот и грбот

Спиењето на грб на многумина кои имаат болки во вратот и грбот им носи олеснување бидејќи го намалува оптоварувањето на 'рбетот. Фолдвари-Шефер советува поставување перница под колената како потпора и користење перница што го потпира вратот, а рацете треба да бидат во иста положба за едната страна од телото да не биде повеќе оптоварена од другата.


Од друга страна, оваа положба не е добра за оние што 'рчат или имаат апнеја при спиење, како и за бремените жени и лицата што имаат проблеми со рефлукс, наведува „Sleep Foundation“.

Спиење на страна: За 'рчење и апнеја

Повеќе од 60 проценти од возрасните спијат на страна. Оваа положба е особено корисна при 'рчење и апнеја при спиење бидејќи, кога лицето лежи на грб, јазикот паѓа наназад и дополнително ги стеснува дишните патишта. Фолдвари-Шефер вели дека во лабораторијата за спиење забележуваат како апнејата кај некои пациенти се намалува или целосно исчезнува кога ќе се свртат на страна.

При болки во долниот дел од грбот се препорачува спиење на страна со благо свиткани колена и тенка перница меѓу нив. Перницата за глава треба да биде доволно висока за да го пополни просторот меѓу главата и душекот, со цел вратот да не биде свиткан.

Лицата што имаат болки во рамото треба повремено да ја менуваат страната бидејќи оваа положба може да го оптовари рамото.

Спиење на левата страна: За жиговина и бременост

На лицата што имаат проблеми со жиговина или гастроезофагеална рефлуксна болест најмногу им одговара спиењето на левата страна бидејќи во таа положба желудочната киселина потешко стигнува до хранопроводот.

Спиењето на десната страна или рамно на грб може да ги влоши симптомите, а помага и подигнувањето на горниот дел од креветот за околу 15 центиметри.


Спиењето на левата страна, со свиткани колена, им се препорачува и на бремените жени бидејќи ја подобрува циркулацијата и го намалува притисокот врз долниот дел од грбот.

Спиење на стомак: Најмалку препорачливо

На стомак спие најмал број луѓе, а лекарите не ја препорачуваат оваа положба за повеќето луѓе. Во таа положба главата е свртена настрана, па вратот и 'рбетот се извиткуваат, што може да предизвика болки во вратот, грбот и рамената.

На оние што сепак не можат да спијат поинаку им се советува да користат многу тенка перница или воопшто да не користат перница, а тенка перница поставена под колковите може дополнително да го намали оптоварувањето на 'рбетот.

Фолдвари-Шефер предупредува дека спиењето на стомак е опасно за лицата што имаат епилептични напади бидејќи перницата за време на нападот може да ги затвори дишните патишта.

Сепак, експертите не советуваат положбата да се менува насила. Специјалистот по медицина на спиењето Брендон Питерс за „Sleep Foundation“ вели дека положбата природно се менува во текот на ноќта и дека телото самото ќе ја пронајде најдобрата положба доколку му се дозволи слободно да се движи.