[ФОТО] Балканскиот град избран за најдобра зимска дестинација за семеен одмор: „Тајм аут“ ги објави и градовите идеални за романтичари, гурмани...

Точка

03/11/2026

18:41

1.033

Големина на фонт

а а а

Иако Хрватска во светот е најпозната по своите летни јадрански разгледници и историските ѕидини на Дубровник, кога сонцето заоѓа и температурите паѓаат, главната туристичка сцена се сели во внатрешноста.

Списанието „Тајм аут“ објави нов водич за најволшебните европски дестинации за зимски градски одмор, а на самиот врв на листата се најде Загреб, кој ја освои ласкавата титула за најдобра европска дестинација за семеен зимски одмор, објавува списанието „Сити Магазин“.

Експертските патеписци на списанието „Тајм аут“ истакнуваат дека Загреб тивко, но сигурно изградил репутација како една од водечките зимски метрополи на континентот, првенствено благодарение на повеќекратно наградуваната адвент програма.


„За време на празничниот период, хрватската престолнина се препушта на празничниот дух со неверојатен ентузијазам. Градот оживува со традиционални мелодии, весели улични настани и илјадници светла“, се вели во водичот.

Авторите особено го фалат богатиот културен живот на градот, кој вклучува музеи, театри и галерии, како и празничниот „Zagreb Advent Run“. Тие заклучуваат дека крајбрежјето можеби има примат во текот на летото, но зимата во Хрватска му припаѓа целосно на Загреб.

Париз за романтичарите, Единбург за гурманите, Љубљана како скриен бисер

„Тајм аут“ ги подели европските метрополи според различни профили на патници, па секоја ја доби својата идеална зимска улога.


Загреб (Хрватска): Најдобрата дестинација за семејства и патници кои бараат богата адвент програма.

Париз (Франција): Избран како идеално зимско прибежиште за парови, со романтични прошетки, одлично топло чоколадо и посебна атмосфера во пекарниците.

Единбург (Шкотска): Именуван за најдобра дестинација за гурмани, благодарение на одличните ресторани кои нудат топла атмосфера и пријатни пабови.

Љубљана (Словенија): Ја освои титулата најпотценет град. Авторите се особено воодушевени од неговото уникатно новогодишно осветлување, кое потсетува на галаксии и ѕвезди што паѓаат, како и од близината до снежниот Блед.


Сараево (Босна и Херцеговина): Издвоен е како автентична зимска дестинација со посебен карактер, каде што мирисот на топло босанско кафе во Башчаршија е комбиниран со скијање на блиските Олимписки планини.

Меѓу избраните градови беа Амстердам, познат по лизгањето по замрзнатите канали, бајковитиот средновековен Талин, норвешкиот Тромсе, идеален за набљудување на аурора бореалис, белгискиот Антверпен, австрискиот Инсбрук, како и исландскиот главен град Рејкјавик.