Експертите велат дека просечниот човек нема потреба секојдневно да пие пијалаци со електролити.
Многумина се колнат во пијалаците со електролити по бурна ноќ и прекумерно консумирање алкохол, но еден експерт предупредува дека тие не се секогаш најдоброто решение, пишува „Unilad“.
Освен што ги користат за ублажување на мамурлакот, многумина ги пијат и по вежбањето за да ја надоместат изгубената течност. Нивната популарност особено порасна на „TikTok“.
Електролитите се есенцијални минерали што му помагаат на организмот правилно да функционира. Меѓу нив се натриумот, калиумот, магнезиумот и калциумот. Овие минерали ја регулираат рамнотежата на течностите во телото, го поддржуваат преносот на нервните сигнали и овозможуваат правилно стегање на мускулите.
Пијалаците со електролити ги содржат овие минерали и се наменети за надоместување на оние што се губат со потење, вежбање или за време на болест. Звучи одлично, нели? Сепак, експертите предупредуваат дека нивната употреба не е без ризик.
Нутриционистот Роб Хобсон, автор на книгата „Unprocess Your Family Life“, за „Daily Mail“ изјавил дека овие пијалаци ги надоместуваат натриумот и другите минерали изгубени со потењето, помагаат во одржувањето на рамнотежата во организмот и го намалуваат ризикот од замор, вртоглавица и грчеви.
Сепак, истакнал дека луѓето не мора да пијат пијалаци со електролити по секој тренинг. На спортистите и на лицата што се занимаваат со интензивна физичка активност можеби им е потребен повеќе натриум отколку на просечниот човек.

Кои се ризиците?
Како и со повеќето работи, претерувањето може да биде штетно. Лицата што имаат проблеми со бубрезите се изложени на најголем ризик од несакани ефекти, бидејќи нивните органи може да имаат тешкотии со исфрлањето на вишокот натриум.
Според податоците на „Cleveland Clinic“, високиот внес на натриум може да доведе до покачен крвен притисок бидејќи поттикнува задржување поголемо количество вода во организмот. Со тоа се зголемува волуменот на крвта во крвотокот, што создава поголем притисок врз ѕидовите на крвните садови.
Сепак, еден експерт предупредува дека на внесот на натриум треба да внимаваат дури и лицата што немаат оштетување на бубрезите.
Професорот Сајмон Дејвис, експерт за здравјето на бубрезите, изјавил дека секојдневното внесување големи количества дополнителен натриум преку пијалаци може да го зголеми крвниот притисок, што потоа може да ги оштети бубрезите.

„Оштетените бубрези не можат толку ефикасно да го отстрануваат вишокот сол, па крвниот притисок дополнително расте, а бубрезите трпат уште поголеми оштетувања. Така настанува маѓепсан круг“, објаснил тој.
Додал и дека луѓето можеби нема ни да сфатат дека бубрезите не им функционираат правилно сè додека не биде предоцна.
Многу од овие пијалаци содржат големи количества сол, па важно е да се провери нивниот состав пред консумирањето.
Експертите истакнуваат дека просечниот човек нема потреба секојдневно да пие пијалаци со електролити.
Урамнотежената исхрана што вклучува семки, овошје и зеленчук за повеќето луѓе обезбедува доволно електролити. Затоа дополнителни суплементи главно не се потребни, освен во случаи кога дошло до прекумерно губење минерали поради интензивно потење, повраќање или дијареја.

Како да знам дали ми недостигаат електролити?
Според „Cleveland Clinic“, симптомите може да се разликуваат во зависност од тоа кој електролит недостига во организмот, како и од степенот на неговиот недостиг. Можните симптоми вклучуваат:
• Збунетост и раздразливост
• Дијареја или запек
• Замор
• Главоболка
• Неправилна или забрзана работа на срцето
• Грчеви, треперење или слабост на мускулите
• Мачнина и повраќање
• Вкочанетост или трнење на екстремитетите и на прстите на рацете и нозете.
Како и секогаш, секој што има недоумици или е загрижен за својата здравствена состојба треба да се посоветува со лекар.












