Ви здодеа од бескрајното прелистување на Тиндер и површните допишувања? Официјалната туристичка организација на Финска (Visit Finland) одлучи да понуди сосема поинаков пристап кон запознавањето.
Во рамки на новиот глобален проект наречен „Finnish Dinner Date“, најсреќната земја во светот поканува шеснаесет самци од целиот свет на четиридневно патување во февруари следната година, а сите трошоци, од авионските билети до сместувањето и врвната храна, ќе бидат целосно покриени.
Избраните кандидати ќе бидат поделени во две групи од по осум лица и ќе бидат испратени во Хелсинки или Тампере, познат и како светска престолнина на сауните.

Интересно е тоа што патниците нема да знаат во кој град ќе патуваат сè додека нивното патување не биде официјално потврдено.
Гастрономско доживување и состанок на слепо
Главниот адут на оваа зимска авантура е врвната финска гастрономија. Пред кулминацијата на патувањето, учесниците ќе уживаат во локални кулинарски работилници и истражување на нордиските вкусови, а сè ќе кулминира со групен состанок на слепо на изненадувачка, тајна локација.
На оваа свечена вечера ќе им се придружат и локални фински самци, а менијата ќе бидат дело на некои од најголемите кулинарски имиња во земјата.

Во Хелсинки ќе готви Аделе Кинунен, главната готвачка на престижното „Café Savoy“ и ѕвезда на натпреварувањето „MasterChef Professionals“, додека во Тампере вечерата ќе ја подготвува Хенри Тиканен, финскиот претставник на престижниот кулинарски натпревар „Bocuse d’Or“.
Инспирацијата за овој проект произлегла од виралниот фински феномен на розовите кошнички (Sinkkukori), кога самците во супермаркетите избираат посебни кошнички за да покажат дека се отворени за разговор и флерт.
Како да се пријавите и да освоите патување?
За разлика од вообичаените пријавувања за реални шоуа или креирањето профили на апликации за запознавање, постапката овде е исклучително едноставна и не бара долги биографии. Сè што треба да направите е да снимите кратко видео на англиски јазик и да одговорите на едно кулинарско прашање: Што би послужиле за вечера на романтичен состанок и зошто?
Видеото треба да го објавите на Инстаграм, ТикТок или Јутјуб со хаштагот „#FinnishDinnerDate“ и да го означите профилот на „Visit Finland“, а потоа да пополните едноставен формулар на официјалната веб-страница на проектот.

Доколку не сакате јавно да го објавите видеото, можете да го објавите на Јутјуб како „unlisted“ (приватно) и да го приложите линкот во пријавата.
Пријавувањето е отворено до 10 ноември 2026 година, а имињата на среќните добитници ќе бидат објавени на почетокот на декември.
Како што порачуваат организаторите, гостите можеби ќе се вљубат едни во други, можеби во финската храна, а можеби едноставно ќе ја откријат својата нова омилена зимска дестинација.










