Новата атракција во трговскиот кварт „Дубаи Голд Дистрикт“ треба да привлече туристи и дополнително да ја зацврсти позицијата на емиратот како еден од светските центри за трговија со злато.
Дубаи планира до крајот на 2026 година да отвори пешачка патека од 24-каратно злато во трговскиот кварт „Дубаи Голд Дистрикт“, објави порталот „Емиратс 24/7“, повикувајќи се на Рашид Ал Хармуди, виш директор на комерцијалниот сектор на овој кварт.

„Пешачката патека, чие отворање е планирано во наредните два месеци ќе биде прва од ваков вид и најдолга во светот, а ќе биде изработена од 24-каратно злато“, изјавил Ал Хармуди.
Според неговите зборови, проектот треба да ја збогати туристичката понуда на Дубаи и да ја зајакне неговата позиција како еден од водечките светски центри за трговија со злато. Посетителите и жителите на градот ќе добијат нова атракција во квартот познат по трговијата со благородни метали и накит.
Се проширува трговскиот кварт
Плановите опфаќаат и изложбен простор посветен на трговијата со злато и накит, кој, според најавите, треба да биде најголем на Блискиот Исток.
Ал Хармуди додал дека од почетокот на 2026 година бројот на канцеларии за трговија со злато на големо во овој кварт се зголемил за 20 отсто, додека бројот на нови продавници специјализирани за злато, накит, скапоцени камења и луксузни часовници пораснал за 15 отсто.

Тој очекува бројот на компании што отвораат претставништва во оваа трговска зона следната година дополнително да се зголеми за 10 до 20 отсто.
Планираната златна патека е дел од напорите за понатамошен развој на трговскиот кварт и за збогатување на туристичката понуда со атракција што ја поврзува трговијата со благородни метали со знаменитостите по кои е познат Дубаи.









