Полифенолите од боровниците и брусниците би можеле да го забават стареењето на клетките и развојот на фиброза, односно заменувањето на здравото ткиво со ткиво слично на лузна, покажало истражување на научници од Државниот универзитет во Сургут и Националниот центар за биотехнологија на Казахстан.
Според директорката на Медицинскиот институт при Универзитетот во Сургут, Људмила Коваленко, ефектот на полифенолите врз забавувањето на стареењето на клетките бил најизразен кај боровниците, пренесе „РИА Новости“.
Истражувачите анализирале бобинки одгледувани во областа Сургут, на северот од Русија.

Полифенолите се растителни соединенија кои, освен што ги штитат растенијата од штетници, болести и ултравиолетово зрачење, имаат антиоксидативни и противвоспалителни својства.
Научниците утврдиле дека соединенијата од боровниците и брусниците имаат потенцијал да ги регулираат процесите на стареење на клетките и развојот на фиброза.

Фиброзата подразбира создавање ткиво со лузни и може да ги зафати белите дробови, црниот дроб, бубрезите, срцето и цревата.
Според Коваленко, истражувањето укажало на можноста полифенолите да се користат за намалување на ризикот од развој на фиброза и за забавување на нејзиното напредување, особено кај белодробната фиброза.

Научниците навеле дека резултатите од истражувањето би можеле да послужат како основа за развој на функционални прехранбени производи, а долгорочно и на лекови за лекување фиброза.
Истражувањето е спроведено во рамките на проектот на Државниот универзитет во Сургут „Биомедицински решенија за персонализирана медицина“ и е објавено во списанието „Biomedicines“.










