Бугарија избира претседател, во фокусот безбедноста и односите со Русија

Макфакс

23/10/2026

10:07

183

Големина на фонт

а а а

Бугарските претседателски избори на 25 октомври ќе бидат одржани во услови на загриженост за безбедноста поради нападите врз трговски бродови во Црното Море и во контекст на поделени ставови кон односите со Русија. Главните кандидати се фокусираат на безбедносни и стратешки прашања, а резултатот може да значи прва жена претседател на Бугарија.

Бугарските граѓани в недела, на 25 октомври, ќе гласаат на претседателски избори во чиј фокус се безбедносните прашања, по серијата напади со беспилотни летала врз трговски бродови во Црното Море, со кои војната во Украина се приближи до бугарскиот брег.

Во изминатите недели биле погодени четири брода во водите на бугарската ексклузивна економска зона. Два потонале, а 21 морнар се води како исчезнат. Премиерот Румен Радев, кој се залага за дијалог со Москва, на 13 октомври ја повика руската амбасадорка на разговор.

Иако бугарската влада смета дека нападите им служат на интересите на Русија, нагласува дека засега нема докази врз основа на кои формално би ѝ се припишала одговорноста.

Според анкетата на агенцијата „Маркет линкс“, објавена во средата, актуелната претседателка Илијана Јотова има поддршка од 47,3 отсто од испитаниците што имаат намера да гласаат, додека нејзиниот главен противкандидат, Андреј Ѓуров, поддржан од прозападната опозиција, има 30,6 отсто.

Јотова, поранешна новинарка и истакната членка на Социјалистичката партија, во јануари го наследи Радев, кој поднесе оставка од претседателската функција за да учествува на парламентарните избори, по кои стана премиер.

На изборите учествуваат 27 кандидати, а излезноста би можела да остане под 40 отсто. Доколку победи во вториот круг, предвиден за 1 ноември, Јотова ќе стане првата жена избрана за претседател на Бугарија.

Бугарија останува длабоко поделена околу односите со Москва. Јотова се залага за преговори меѓу Русија и Украина и го критикува продолжувањето на воената помош за Киев, без да го доведува во прашање членството на Бугарија во ЕУ и НАТО.

„Не ни треба Коалиција на подготвените за Украина, туку Коалиција за мир во Украина“, изјави таа на предизборен собир, најавувајќи дека сака да биде „претседателка на мирот“.

Нејзиниот противкандидат Андреј Ѓуров, поранешен вицегувернер на Бугарската народна банка и поранешен вршител на должноста премиер, застапува цврста евроатлантска ориентација.

„Дипломатијата е неопходна, но не може да ги замени ниту одвраќањето ниту сојузите“, порача Ѓуров, критикувајќи ја надворешната политика на Радев.

Бугарскиот премиер во јуни ја запре испораката на оружје од резервите на бугарската армија за Украина, а потоа најави и повлекување на Софија од Коалицијата на подготвените. Сепак, бугарската воена индустрија продолжува да ја снабдува Украина.

Иако претседателот на Бугарија има претежно претставничка улога, тој располага со право на вето на законите и е врховен командант на вооружените сили.

Заменик-директорката на Европскиот совет за надворешни односи (ECFR), Весела Чернева, смета дека изборите се важни бидејќи претседателот ги симболизира националното единство и стратешката ориентација на државата.