Трамп навреди новинарка поради прашање: „Глупава си, имаш низок коефициент на интелигенција“

Макфакс

23/10/2026

09:49

303

Големина на фонт

а а а

Американскиот претседател Доналд Трамп влезе во вербален судир со новинарката Кејтлан Колинс од Си-ен-ен поради прашање поврзано со укинувањето на санкциите кон Русија и ослободувањето на американскиот професор Стивен Хабард од притвор. Во текот на расправијата, Трамп ја нарече новинарката глупава и со низок коефициент на интелигенција, а во следните денови имаше и други конфликти со новинари за време на јавни настапи.

Американскиот претседател Доналд Трамп во средата вербално се судри со новинарката на Си-ен-ен, Кејтлан Колинс, пред Белата куќа, нарекувајќи ја личност со низок коефициент на интелигенција и глупава.

Расправијата започна кога Колинс го праша Трамп дали неговата одлука за укинување на санкциите кон Русија е поврзана со ослободувањето на Стивен Хабард, американски професор кој бил во притвор во Русија од 2022 година.

Трамп ги бранеше преговорите со Русија за ослободувањето на Хабард, но Колинс продолжи да бара одговори. Претседателот тврдеше дека одлуката за санкциите била неопходна за преговорите и дека Хабард во спротивно немало да биде ослободен. Колинс му одговори дека тоа всушност значи дека американската администрација дала нешто за возврат.

„Немаш поим за што зборуваш“, ѝ рече Трамп. „Глупава си. Ти си личност со низок коефициент на интелигенција. Глупава си и работиш за Си-ен-ен.“

„Ако преговарам да вратиме човек за чие враќање се обидуваме со години, човек кој бил затвореник во Сибир или на некое друго место во Русија, тогаш го враќаме благодарение на мене“, додаде тој.

Колинс повторно праша дали укинувањето на санкциите е поврзано со ослободувањето на Хабард, откако Трамп изјави дека не направил никаква отстапка за да го обезбеди враќањето на Американецот.

Претседателот го отфрли нејзиното прашање, но повтори дека одлуката помогнала во неговото ослободување.

„Вклучи го мозокот“, ѝ рече Трамп.

Новинарката на тој начин укажа на директна противречност во неговите изјави, бидејќи Трамп првично тврдеше дека САД не ѝ направиле никаква отстапка на Русија, а потоа самиот призна дека професорот немало да биде ослободен доколку Вашингтон не ги укинал санкциите кон Москва.

Ова беше нов јавен судир меѓу Трамп и Колинс, а воедно и втора расправија на американскиот претседател со новинари во само два дена.

Претходно оваа недела Трамп се судри и со друг новинар за време на прес-конференција во Овалната соба. Неговиот тим за брзи реакции објави дека станува збор за Ендрју Фајнберг, дописник на британски „Индипендент“.

Расправијата се случила додека Трамп одговарал на новинарски прашања. Видно изнервиран, претседателот во еден момент директно му се обратил на новинарот.

„Што не е во ред со тебе?“, го прашал Трамп. „Дали си болен?“

„Колку што знам, не сум, господине“, одговорил новинарот.

„Мислам дека нешто не е во ред со тебе“, му рекол Трамп.

Трамп претходно му порачал на Фајнберг да „биде внимателен“, откако новинарот прашал зошто новата програма за укажувачи на неправилности нуди награда од само еден процент, додека Законот за лажни побарувања предвидува најмалку 10 проценти.

Потпретседателот Џеј Ди Венс го оцени прашањето како „исклучително нечесно“.

„Законот за лажни побарувања не опфаќа повеќе од 99 проценти од измамите што ги откриваме во федералната влада“, рече Венс.

„Претседателот сака за секоја измама, доколку ја откриете и обезбедите докази што ќе ни овозможат да ги вратиме парите, да добиете надомест. Тоа би се однесувало на сите случаи, а не само на оној мал дел што го опфаќа постојниот закон“, додаде тој.

Трамп го изнел коментарот за „болна личност“ подоцна, кога Фајнберг започнал да поставува прашање за терените за голф на Трамп.

Претседателот го прекинал и му рекол да „молчи“, поради што прашањето не било довршено, ниту било јавно објавено што точно сакал да праша новинарот.