[ФОТО] Груевски снимен во ресторан во Будимпешта, поранешен унгарски пратеник ги објави фотографиите: „Можеме да направиме многу ако му го укинеме азилот“

Точка

22/10/2026

19:05

347

Големина на фонт

а а а

Поранешниот македонски премиер Никола Груевски бил забележан и фотографиран во ресторан во центарот на Будимпешта, тврди поранешниот унгарски пратеник Акош Хадхази, кој информацијата ја објави на својот профил на Фејсбук.

Според Хадхази, фотографијата ја направил унгарски државјанин кој го забележал Груевски во ресторан во унгарската престолнина. Објавата повторно го привлече вниманието кон престојот на поранешниот македонски премиер во Унгарија и прашањето за неговото враќање во земјава.

Груевски ја напушти Македонија во ноември 2018 година, непосредно пред да започне со издржување на двегодишната затворска казна во случајот „Тенк“, поврзан со набавката на луксузниот блиндиран „мерцедес“. Потоа замина во Унгарија, каде што доби политички азил.

Во Македонија против него беа водени повеќе судски постапки, а во дел од предметите беше осуден во отсуство за дела поврзани со корупција, проневера и злоупотреба на службената положба и овластувањата. И покрај меѓународната потерница, унгарските власти повеќепати одбија да го екстрадираат.


Коментирајќи ја фотографијата, Хадхази напиша дека Груевски беше голем пријател на Виктор Орбан и Петер Сијарто и изрази надеж дека унгарската влада можеби едноставно го заборавила Груевски. Тој оцени дека укинувањето на политичкиот азил би можело да отвори пат за негово враќање во Македонија и соочување со правосудните постапки.


„Можеме да направиме многу, и тоа прилично лесно, за да обезбедиме одговорност и во Македонија, ако му го укинеме политичкиот азил и го вратиме Груевски дома“, напиша Хадхази во објавата.

Поранешниот унгарски пратеник воедно посочи дека политичките сојузници на Груевски сега се на власт во Македонија. Во истиот контекст го спомена и унгарскиот бизнисмен Ласло Сиј, кој е поврзан со проект за изградба на автопат во земјава.