Канцеларот Фридрих Мерц предупредува дека Германија се соочува со интензивна шпионска активност од страна на руските разузнавачки служби. По апсењето на украински државјанин осомничен за шпионажа, откриени се повеќе случаи на делување во корист на Русија, со што расте загриженоста за безбедноста на НАТО и пропратните европски земји.
Германија е цел на интензивни шпионски активности, предупреди канцеларот Фридрих Мерц по апсењето на украински државјанин осомничен дека шпионирал за Русија, пренесува Би-би-си.
„Да не се залажуваме – активностите на руските разузнавачки служби во Германија и понатаму се на постојано високо ниво“, изјави Мерц, оценувајќи го откривањето на случајот како успех.
Според германското федерално обвинителство, осомничениот, идентификуван како Вадим Ј., преку посредник бил во контакт со руската разузнавачка служба најмалку од јули 2025 година. Тој наводно собирал информации за производството на оклопни возила, муниција и експлозиви, како и податоци за воени објекти поврзани со безбедноста на источното крило на НАТО. Пред истражен судија треба да се појави денеска.
Ова не е единствен случај. Во Германија годинава се уапсени повеќе лица осомничени за шпионажа во корист на Русија и други странски сили. Меѓу нив се и лица обвинети дека следеле човек кој испраќал беспилотни летала од Германија во Украина.
Мерц, кој вчера престојуваше на конференција во Црна Гора, предупреди дека во наредните месеци и години веројатно ќе бидат откриени уште вакви случаи.
Германија е еден од главните европски снабдувачи на Украина со оружје од почетокот на руската инвазија во 2022 година. Берлин во последниот период ја обвини Москва и за низа хибридни напади, вклучително и инцидент со беспилотно летало на аеродромот Лајпциг/Хале, додека рускиот претседател Владимир Путин ги отфрли обвинувањата.








