Грција од 1 јануари ги забранува социјалните мрежи за деца помлади од 15 години

Макфакс

23/10/2026

10:07

166

Големина на фонт

а а а

Грција донесе закон со кој од 1 јануари 2027 година на децата под 15 години ќе им биде забрането користење на социјални мрежи, со цел заштита на нивното здравје и приватност, како и поддршка на родителите во контролирањето на користењето на дигиталните платформи.

Грчкиот парламент усвои закон со кој на децата помлади од 15 години им се забранува користење социјални мрежи. Законот, кој ќе стапи во сила на 1 јануари 2027 година, е донесен поради зголемената загриженост за влијанието на овие платформи врз здравјето и безбедноста на малолетниците.

Премиерот Киријакос Мицотакис порача дека платформите имаат рок од два и пол месеци да развијат систем за проверка на возраста на корисниците и да обезбедат заштита на нивната приватност.

Грција е една од седумте земји членки на Европската Унија што соработуваат со Европската комисија на изнаоѓање решение за проверка на возраста на корисниците.

Слични мерки веќе се воведени и во други земји. Австралија минатата година стана првата држава што со закон го ограничи пристапот на малолетниците до социјалните мрежи. Во Франција, пак, Уставниот совет во август поништи сличен закон.

Од грчката влада истакнуваат дека со оваа мерка сакаат да им помогнат на родителите во справувањето со таканареченото бесконечно скролање на социјалните мрежи.

Според властите, ваквата навика им го нарушува сонот на децата, им ја намалува концентрацијата и им одзема време што би можеле да го поминат во дружење со пријателите.