Обожавателите на Селена Гомез забележале дека гласот на пејачката значително се променил во последните неколку години, а таа веќе подолго време нема објавено нови песни. Сега ја открила и причината за тоа – пушењето.
Популарната пејачка и актерка (34) во видео објавено на својата Инстаграм приказна изјавила дека успеала да се ослободи од зависноста од никотин, но дека сега ги чувствува последиците.
„Нема да можам да го променам својот глас. Премногу користев електронски цигари со никотин“, изјавила таа во видеото.
Гомез ги предупредила своите обожаватели да го сфатат нејзиното искуство како предупредување, особено оние кои размислуваат првпат да пробаат електронски цигари.
Таа јасно ставила до знаење дека деновите кога пушела, односно користела електронски цигари, се зад неа.
„Сите знаат дека е многу тешко да се откажете од никотинот. И мислам дека само сакав да кажам дека, ако минувате низ тоа или ако размислувате да пробате електронски цигари, едноставно не вреди“, порачала таа.
Потоа повторно се осврнала на својот глас, кој веќе извесно време е тема на дискусија меѓу нејзините обожаватели:
„И тоа ми го промени гласот. Значи, ако не ви се допаѓа да го слушате мојот глас, тоа е сосема разбирливо, не ми пречи, само немојте да го слушате. Едноставно, не го слушајте“, изјавила таа.

Иако е свесна за последиците што оваа навика ги оставила врз неа и за фактот дека нејзиниот глас никогаш повеќе нема да звучи исто, пејачката јасно ставила до знаење дека ќе се фокусира само на позитивните работи. Се пофалила со одлуката да се откаже од пушењето и испратила охрабрувачка порака до обожавателите кои се борат да се ослободат од сопствените штетни навики.
„Но, многу сум возбудена бидејќи престанав и само се надевам дека така ќе продолжам. Навистина е тешко, но знам како е кога поминуваш низ нешто такво. Ужасно е“, раскажала Гомез.

Пејачката, која се прослави уште како детска ѕвезда, во текот на целата своја кариера отворено зборува за своите здравствени проблеми. Според пишувањето на „Фокс њуз“, во 2014 година ѝ бил дијагностициран лупус, а подоцна открила дека ѝ било дијагностицирано и биполарно растројство. Во меѓувреме, била подложена на трансплантација на бубрег и хемотерапија.
Таа ја вклучила и својата посветеност на менталното здравје во своите деловни активности, особено преку создавањето на козметичкиот бренд „Реар Бјути“ (Rare Beauty) во 2020 година, кој го вклучува и Фондот кој собира средства за обезбедување услуги и поддршка во областа на менталното здравје.










