Модната креаторка Ивана Кнез и актерот и шоумен Игор Џамбазов се најдоа во улога на модели во една несекојдневна фотосесија покрај Дојранското Езеро. Ивана го претстави својот најнов црвен фустан од тантела, додека Џамбазов ѝ правеше друштво пред објективот, внесувајќи ја препознатливата доза хумор и спонтаност.
Кнез сподели дел од фотографиите на социјалните мрежи, откривајќи моменти од снимањето во кое, покрај елегантните модни кадри, не недостасувале ниту смеа и шеговити ситуации.
На дел од фотографиите, Игор позира во необични пози покрај Ивана, ја допира за ногата и се шегува пред камерата, а на една фотографија изгледа како да се подготвува да ја удри со камен по главата. Станува збор за дел од забавната атмосфера на фотосесијата, која очигледно им донела многу убави моменти.
Друштво на плажата им правела и Ферхунде, кучето што Џамбазов го вдоми пред неколку години.

Ивана не ја пропушти можноста да ја искоментира фотосесијата во свој стил, споделувајќи емотивна, но и духовита порака.
„Стареам со страст, посветено на генерации што бираат да се гласни во едно време што бира да молчи. Благодарам, Маестро, што си дел од оваа фотосесија. Ни подари еден незаборавен ден“, напиша таа.

Покрај тоа, Кнез додаде и духовито предупредување за фотографиите, во кое на шега ги спомена сосетките и трачевите.
„Пред употреба внимателно прочитајте го упатството! За индикациите, ризикот од употребата и несаканите ефекти на овие фотографии консултирајте се со вашата комшика или најблискиот трач конзулат“, напиша Ивана.
Со комбинацијата од впечатлив моден изглед, опуштена атмосфера и хумор, фотосесијата во Дојран покажа поинаква страна на модното фотографирање, во кое покрај стилот, главна улога имаат и добрата енергија и спонтаноста.
















