Еден од нашите најпознати тату-артисти, Горан Микиќ, во декември 2025 година ја сподели со јавноста својата лична приказна за битката со ракот на тироидната жлезда, со која се соочувал тивко, далеку од очите на јавноста.
Иако станувало збор за едно од најтешките животни искуства со кои се соочил, Горан успеал да ја извојува најважната победа – победата над болеста. Видеото со кое тогаш ја откри својата приказна го објави со јасна цел: да им даде поддршка на оние кои минуваат низ слична ситуација, да сподели искуство и, доколку е во можност, да им помогне на луѓето на кои им се потребни совет и охрабрување.
Неговата намера, како што посочи тогаш, не била да предизвика сожалување, туку отворено да зборува за нешто со кое се соочуваат многу луѓе, а за кое понекогаш тешко наоѓаат сила да проговорат. Со својата исповед покажа дека и зад луѓето кои секојдневно ги гледаме насмеани, успешни и посветени на својата работа, може да се кријат тешки лични борби за кои малкумина знаат.
Во месеците што следуваа, Горан не зборуваше многу јавно за оваа тема, ниту често се навраќаше на периодот низ кој поминал. Сега, во гостувањето во подкастот „Бајкерот и Кросфитерот“, повторно се отвори и раскажа повеќе за ова животно искуство, кое несомнено оставило длабока трага во неговиот живот.
Со својата приказна, Микиќ потсетува дека здравјето е нешто што не треба да се зема здраво за готово, но и дека споделувањето на личните искуства може да има големо значење за оние кои во моментот се соочуваат со слични предизвици. Наместо да ја крие својата борба, тој одлучи да ја претвори во можност да охрабри некого кому му е потребна поддршка и да покаже дека зад секоја ваква животна приказна стојат сила, истрајност и надеж.

Ова е неговата исповед:
„Треба да летам за Америка, викам не ми е добро, притисок ме мачи, нешто ми ѕвони главата, не сум добар. Пробувам да одам на Водно, не можам, немам енергија, спијам попладне - во живот не сум спиел попладне.
Си реков да одам да се прегледам, една контрола да направам, па решавам да одам кај доктор Горан Николов за да испитам притисок, да дадам крв, да видам што ме мачи, да ми даде апчиња, зашто за 2 дена летам за Америка. Ама од Америка завршувам во Атина на операција.
Потсвеста ми работи дека нешто не е океј. Докторот ме прегледува - бубрези супер, јетра, простата добри, ми вика малку замастен дроб.
Стига кај тироидата и тука заглавува. Му викам: ‘Нешто не е океј? Ти го гледам изразот на лицето...’.
Ми кажа дека тоа што го гледа не му се свиѓа и јас ‘го мавам’ во старт - ‘Што рак имам и кога ќе умрам?’. Ме праша дали некој нешто ми кажал, дека не му се допаѓа тоа што го гледа, некои јазли на тироидата кои ги гледа на ехо.

Му реков да ми каже што треба да правам, ако треба уште утре дека ќе одам да се оперирам. Јак, пукам, а после пи**а во душа. Глумиш дека не ти е гајле, а не е така.
Отидов во дијагностичка лабораторија за цитологија и хистологија, ми извади примерок за биопсија и 2 дена чекав резултати.
Претходно доктор Горан ми кажа директно дека гледа карцином и ме спрема дека ќе се оперирам, но сака да го откриеме дали е бенигно или малигно. Ми кажа и дека гледа јазли од страна.
Е сега, за тироидата велат дека е ‘добар канцер’, ако го откриеш на време, слабо прогресира, јас ова сум го имал со години, ама кој да провери тироида, нели тоа е ‘женска болест’.
Резултатите покажаа дека е карцином на тироидна жлезда, малиген.

На докторот му кажав дека сум спремен финансиски да одам и во странство да се оперирам, и тој ми го посочи доктор Карвулис во Атина. Не можев да го најдам 3-4 дена, и ко што го дал Господ Перо Антиќ, ја крена во воздух цела Атина и ми даде број од докторот, зборел веќе со него. Докторот пресреќен дека му се јавил Перо, после му однесов и потпишани дресови од него, ‘Брату мој’ ми вика кога отидов таму.
Ме прегледуваше едно старче и ми рече дека гледа преку 20 лимфни јазли метастазирани, си реков тоа е, ќе умирам, ќе се оперирам, хемотерапии.
Бев во филм дека ќе се борам до крај, ама п**ка у душа сум. Јас имав над 8 саати операција, со тоа што ми скинаа некои вени, па ме скрпија. Докторов викаше 2 саати операција ќе е, јас заглавив 8 и пол саати у сала, зашто имале проблеми. Рачунај на другите што им се дешавало, чекаат 8 саати.
Тинка вика, кога излегол докторов ѝ рекол: ‘Беше тешко, ама сè е во ред“ и тогаш ѝ дошла душата на место. А жена ми да не беше, ќе паднев во тешка депресија“.














