Австралиската манекенка Сахара Реј, која во 2016 година беше поврзувана со пејачот Џастин Бибер, почина на 34-годишна возраст, а според медиумските извештаи, причината за смртта е предозирање со фентанил. Нејзината смрт настапи само неколку месеци откако ја роди ќерката Сноу.
Според пишувањето на британскиот весник „Daily Mail“, Реј во петокот се предозирала со синтетички опиоид, по што итно била пренесена во болница во Лос Анџелес, каде што била приклучена на апарати за одржување во живот. Нејзиното семејство во неделата донело тешка одлука да ја исклучи од апаратите, навел извор за овој медиум.
Мајката на починатата манекенка, Гретчен Бах, се огласила за „Daily Mail“, истакнувајќи колку нејзината ќерка била посветена на семејството и на работите што ги сакала.
„Сахара беше неверојатно страсна и љубезна млада жена, која ги сакаше своето семејство, модата, својата ќерка Сноу и сурфањето“, навела нејзината мајка.

Таа додала дека на семејството многу му значи поддршката што ја добива од пријателите, обожавателите и бројните заедници на кои Сахара им припаѓала ширум светот.
Реј во јануари оваа година ја роди ќерката Сноу Реј Дау, а своето новородено девојче ѝ го претстави на јавноста во април, објавувајќи емотивно видео на кое се заедно.

„Бебе Сноу, алелуја“, напишала таа во објавата, во чија позадина се слушала песната „Everything Hallelujah“ на Џастин Бибер од 2025 година.
Последната објава на социјалните мрежи ја споделила во јули, а ја сочинувале фотографии од нејзината ќерка. „Целото мое срце – бебе Сноу“, напишала тогаш.
Манекенката последен пат била видена во јавноста во ноември 2023 година, на модната ревија на „Ashton Michael RTW“, организирана по повод десетгодишнината од брендот, одржана во Лос Анџелес. Според фотографиите од настанот, таа седела меѓу тогашниот партнер, музичарот Мод Сан, и музичарката SIIICKBRAIN.

Во април 2024 година, Реј открила дека се бори со Гилен-Бареов синдром, ретка автоимуна болест што ги зафаќа периферните нерви. Како што навела тогаш, здравствените проблеми започнале откако ја удрил автомобил, а болеста довела до делумна парализа и период во кој користела инвалидска количка.
Според информациите од клиниката „Маyо“, Гилен-Бареовиот синдром настанува кога имунолошкиот систем ги напаѓа нервите, што може да предизвика слабост, вкочанетост или парализа.
„Моментално сум парализирана од горниот дел на бутовите па сè до стапалата. Воопшто не можам да одам“, рекла таа во видео објавено на ТикТок, кратко по несреќата, пренел порталот „7news.com“.










