Кристијан Аманпур, една од најпознатите и најнаградувани новинарки на Си-ен-ен, најави дека по 43 години ја напушта оваа телевизиска мрежа.
Нејзината емисија „Аманпур“ ќе заврши во мај 2027 година, а таа ќе го напушти Си-ен-ен на крајот на јуни. Ќе продолжи да го води поткастот „The Ex Files“ (Ди Екс Фајлс) и најавува нови проекти.
Аманпур во понеделникот објави дека одлуката за заминување ја донела „по многу месеци размислување и неколку непроспиени ноќи“.
Во Си-ен-ен пристигнала во 1983 година, кога телевизиската мрежа сè уште била на своите почетоци, како асистентка во редакцијата за меѓународни вести. Денес таа е главна водителка на меѓународната програма и едно од најпрепознатливите лица на оваа телевизија.
До крајот на оваа година ќе завршат нејзините секојдневни емисии на Си-ен-ен и Пи-Би-Ес, вклучувајќи ја и „Amanpour and Company“.
Потоа, до мај ќе води неделна емисија на Си-ен-ен Интернешнл, а соработката со телевизиската мрежа ќе ја заврши на крајот на јуни.
Во својата проштална изјава се присетила на известувањето од воените жаришта и им се заблагодарила на колегите со кои работела.
„Од мојата прва голема и возбудлива задача, известувањето за Првата заливска војна, преку ужасите на војните во Босна, Руанда, Авганистан, Украина и Иран, како и од сите други места, тимовите и заедништвото ми значеа неизмерно многу додека заедно се боревме за факти, докази и човечност, за Си-ен-ен секогаш да може да му ја пренесува на светот вистината за она што се случува во него, без страв и пристрасност“, напиша таа.
На крајот, на своите колеги им порача: „Запомнете: секогаш известувајте вистинито, а не неутрално“.
Во текот на својата богата новинарска кариера, Аманпур известувала за речиси сите големи меѓународни конфликти и глобални кризи во последните четири децении.
Меѓу историските настани што ги следела биле падот на Берлинскиот ѕид, војната во Босна и Херцеговина, Заливската војна, американските војни во Ирак и Авганистан по терористичките напади на 11 септември, Арапската пролет, како и војната на Израел во Газа.
Во текот на кариерата, Аманпур интервјуирала и бројни светски лидери, меѓу кои поранешниот американски претседател Бил Клинтон, поранешниот британски премиер Тони Блер, поранешниот либиски лидер Моамер Гадафи, како и иранските претседатели Махмуд Ахмадинеџад и Хасан Рохани.
Заминува по промената на сопственичката структура на Си-ен-ен
Аманпур заминува во период на големи промени во Си-ен-ен, кој неодамна стана дел од медиумската групација „Скајденс“. Со неа раководи Дејвид Елисон, со финансиска поддршка од неговиот татко Лери Елисон, коосновач на „Оракл“ и донатор на Трамп.

Дел од новинарите на Си-ен-ен со скептицизам ја дочекаа новата сопственичка структура поради нејзината наводна блискост со администрацијата на Трамп.
Во својата изјава, Аманпур порача дека „секогаш ќе навива за Си-ен-ен и за зачувување на неговата традиција на независно новинарство“.
Инаку Аманпур има 68 години и јавно зборувала за лекувањето од рак на јајниците, кој ѝ бил дијагностициран во 2021 година.
Извршниот директор на Си-ен-ен, Марк Томпсон, во порака до вработените ѝ се заблагодари за „43 извонредни години исполнети со врвно новинарство, посветеност и пријателство“. Тој нагласи дека за нејзиното заминување разговараат веќе со месеци.
„Кристијан внимателно размислуваше за оваа одлука и за неа разговараме веќе неколку месеци. Како и на многу колеги во Си-ен-ен кои денес ќе ја слушнат оваа вест, многу ми е жал што заминува, но прифатив дека за неа ова е вистинскиот момент, и на личен и на професионален план“, напиша Томпсон.

Тој претходно овој месец објави дека останува во споената компанија. Аманпур најави дека ќе продолжи да го води поткастот „The Ex Files“ и дека им се радува на „интересните нови проекти во иднина“.









