Животната приказна на шпанскиот фудбалер – од бомбашкиот напад врз автобусот додека го носел дресот на Борусија Дортмунд, до битката со времето и тешката повреда само за да биде подготвен за Мундијалот. И успеал …
Сите знаат кој е Микел Мерино. Колку важни голови постигнал за шпанската репрезентација и во дресот на Арсенал, колку несреќни моменти имал во кариерата, од кои речиси по правило излегувал како победник.
Она што не е толку познато е дека Мерино во 2017 година го носеше дресот на Борусија Дортмунд и беше член на „милионерите“ кога беше извршен напад со експлозивна направа врз автобусот што ги превезуваше фудбалерите на германскиот тим кон стадионот, пред натпреварот од Лигата на шампионите против Монако.
Стануваше збор за три бомби наполнети со метални иглички, скриени во грмушките покрај патот – експлодирале додека минувал автобусот. Соиграчот на Мерино, Марк Бартра, тогаш беше повреден, а Микел имаше многу среќа …
„Предните седишта можеа да се спуштат, па решив да седнам напред. Тоа можеби ми ја спаси кариерата“, изјави Мерино во интервју за порталот „The Players‘ Tribune“.

„Мислам дека имам ангел чувар на рамото. Всушност, среќен сум што воопшто сум жив, каква кариера … Многумина немаат претстава што навистина се случи, но ние што бевме во автобусот доживеавме траума. Сето тоа остави трага врз нас. Одеднаш се слушна заглушувачки тресок, автобусот почна да се превртува …“, се сеќава Мерино.
На Бартра му беше скршена раката.
„Видов крв на подот во автобусот, се чувствуваше мирис на чад и слушав врева, врисоци …“
Натпреварот се одигра следниот ден, а подоцна Германецот со руско потекло Сергеј Венерголд беше осуден на затворска казна, откако призна дека е одговорен за нападот. Доби 14 години затвор, а беше обвинет дека се обидел да убие 28 лица. Толку луѓе имало во автобусот …
Тој момент обележа значаен период од кариерата на Мерино, а подоцна приказната доби поинаков тек – стана познат по головите, улогата на џокер и мајсторските потези.

Мерино во 2024 година ѝ даде гол на Германија за пласман на Шпанија во четвртфиналето на Европското првенство, на кое „фуријата“ подоцна ја освои титулата, а минатата сезона – во февруари годинава – го повреди десното стапало.
„Докторот ми рече: ’Шест месеци пауза‘. Бев толку шокиран што не можев ни да бидам тажен. Само почнав да пресметувам и сфатив дека до почетокот на Мундијалот остануваат четири месеци. Бев скршен …“
Во тој период се присетил на сцените од Дортмунд.
„Тоа ми беше дополнителна мотивација. Верувам дека сè во животот се случува со причина.“
Предавањето не било опција.

„Морав да дадам сè од себе или, како што сакаме да кажеме во Шпанија: ’Го ставив целото месо на скара‘. Се појави надеж бидејќи докторите ми кажаа дека можат да ми вградат две завртки во стапалото за да ми помогнат. Веднаш се согласив.“
Во тој период Мерино имал голема поддршка од менаџерот на Арсенал, Микел Артета. Самиот фудбалер работел на закрепнувањето до крајот на сезоната, за барем да остане во конкуренција за настап на Мундијалот.
„Ниту една минута игра за четири месеци. Како можете да повикате таков играч?“, се прашувал Мерино, обидувајќи се да замисли што размислува шпанскиот селектор Луис де ла Фуенте.
„Цела недела разговарав со Артета и со физиотерапевтите на Арсенал. Планот беше да се вратам за финалето на Лигата на шампионите против Пари Сен Жермен на 30 мај, а дури и тоа беше ризично. Но морав да му покажам на Луис дека сум подготвен. На крајот се согласија да ми дадат половина час против Кристал Палас во последното коло. Тој ден играв исклучиво за да обезбедам место на Светското првенство – сто проценти!“

И на крајот …
„Следниот ден се молев пред да биде објавен списокот. Во еден момент на екранот се појави жена во лозје – Микел Мерино! Ја прегрнав сопругата Лола и го бакнав синот Марк. Успеав, телефонот ми се вжешти од пораки – одам на Мундијал!“
На Светското првенство Мерино даде значаен придонес. Постигна два гола, двата во нокаут-фазата – во победите над Португалија во осминафиналето и над Белгија во четвртфиналето, а на крајот ја дочека и титулата.
















