Манчестер Јунајтед забележа пораз на гостувањето во Мадрид од Атлетико со резултат 2:0, но далеку поважна тема за разговор по натпреварот беше бурната изјава на Лисандро Мартинез кој ги обвини одговорните луѓе на клубот дека направиле доволно за да гледаме конкурентни „црвени ѓаволи“ во Лигата на шампиони.
Популарниот Лича не ги поштеди директорите и јавно ги прозва за лошо одработениот летен преоден рок, а бидејќи неговите коментари предизвикаа бура од реакции, Аргентинецот мораше да одработи сериозен состанок со повисоките претставници од хиерархијата.
Два дена по бурата, Мартинез јавно се извини и нагласи дека коментарите ги дал понесен од гневот и разочарувањето, па откако најави дека ќе сноси одговорност и последици за сето она што го изјави, Мајкл Карик го архивираше случајот како завршен.
Менаџерот на Јунајтед откри дека Лисандро е во комбинација за настап за утрешниот меч со Лидс Јунајтед во Премиер лигата, а не сакаше да открива каква интерна казна му одредил клубот која после такви испади е задолжителна.
– Сè е завршено со Лича. Го оставивме тоа зад нас, тоа е една од оние работи кои можат да се случат во фудбалот. Како група продолжуваме понатаму. Неговите зборови навистина не предизвикаа никаква драма во тимот. Играчите тренираа одлично и се во добро расположение.
– Ситуацијата беше прилично едноставна. Ја разбравме ситуацијата и неговиот гнев, а Лича сфати дека направил грешка. Имаме навистина добро чувство и однос со луѓето во клубот. Што се однесува до резултатите, работите не се одвиваа во наша полза, но духот и заедништвото остануваат тука. Се гледа дека како група сакаме да направиме нешто во оваа ситуација. Во групата се чувствува некаква свежина и покрај поразот, а Мартинез ќе ни стои на располагање за неделниот меч, – изјави Карик.








