На крајот од октомври повторно ќе ги поместуваме стрелките на часовникот, а со приближувањето на зимското сметање на времето се враќа и прашањето што со години предизвикува дебати: дали воопшто треба да го менуваме времето и доколку оваа практика се укине, кое сметање на времето би било подобро да се задржи?
Научниците имаат прилично јасен одговор. Според нова научна анализа, трајното зимско сметање на времето би било поповолно за здравјето на луѓето отколку трајното летно сметање на времето, пишува австрискиот „Хојте“ (Heute).
Зошто зимското сметање на времето е подобро?
Истражувачите од Универзитетот на Британска Колумбија во Канада ги анализирале досегашните научни истражувања за влијанието на сметањето на времето врз човечкиот организам. Нивните заклучоци, објавени во стручниот магазин „Canadian Medical Association Journal“, укажуваат на тоа дека, доколку се укине сезонското поместување на часовникот, би било подобро трајно да се задржи стандардното, односно зимското сметање на времето.
Главната причина е утринската светлина. Нашиот организам има внатрешен биолошки часовник кој ги регулира спиењето, будноста и бројни други телесни процеси. Утринската дневна светлина му помага да се усогласи со природниот ритам на денот и ноќта, додека поголемата изложеност на светлина во вечерните часови може да го одложи заспивањето.

Поради тоа, трајното летно сметање на времето, особено во зимските месеци, би можело негативно да влијае врз квалитетот и времетраењето на спиењето.
Патрик Бејлис од Универзитетот на Британска Колумбија објаснил дека е разбирливо зошто трајното летно сметање на времето им изгледа привлечно на луѓето. Тие сакаат по завршувањето на работата или училиштето да имаат повеќе дневна светлина, но истражувањата покажуваат дека подоцнежното изгрејсонце може да биде поврзано со пократко спиење, послаба продуктивност и послаби резултати на училиште.
Проблемот се темните зимски утра
Научниците особено предупредуваат на последиците што трајното летно сметање на времето би можело да ги има во текот на зимата. Во тој случај, Сонцето би изгревало еден час подоцна отколку според зимското сметање на времето.
Тоа значи дека многу ученици би оделе на училиште, а вработените на работа, додека надвор сè уште би било темно. Освен можните влијанија врз спиењето и концентрацијата, се отвораат и прашања поврзани со безбедноста во сообраќајот, особено кога станува збор за децата кои одат на училиште.

Некои земји веќе се обиделе трајно да го задржат летното сметање на времето, но подоцна се откажале од таа одлука.
Соединетите Американски Држави вовеле трајно летно сметање на времето во 1974 година, но одлуката била повлечена уште истата година. Русија го применувала истиот систем од 2011 до 2014 година, по што се вратила на стандардното време. Слична одлука донел и Чиле.
Кога повторно ќе ги поместуваме часовниците?
Македонија како и земјите од Европската Унија, на зимско сметање на времето преминува во недела, на 25 октомври 2026 година. Тогаш, во 3 часот наутро, стрелките ќе ги поместиме еден час наназад, односно на 2 часот.
Тоа значи дека таа ноќ ќе имаме еден час повеќе за спиење, но во попладневните часови порано ќе се стемнува.
Иако за укинувањето на поместувањето на часовникот се дискутира веќе со години, конечна одлука на ниво на Европската Унија сè уште не е донесена.

Европскиот парламент уште во 2019 година го поддржа предлогот за укинување на сезонското поместување на часовникот, но земјите членки не постигнаа договор за тоа дали трајно треба да се задржи летното или зимското сметање на времето.










