Лапорта за последните постапки на лутиот ривал: Реал е клуб кој губи престиж, препознатливост и кредибилитет

Дерби

10/10/2026

13:45

225

Големина на фонт

а а а

Жоан Лапорта беше дел од свечениот чин кој вчера му беше посветен на Педро Родригез по повод пензионирањето на прославениот шпански репрезентативец и играч на Барселона, а еден ден подоцна, првиот човек на каталонскиот гигант испорача нов одговор во јавноста за сите притисоци кои ги прави Реал Мадрид за „случајот Негреира“.

Реал Мадрид испрати нов допис до УЕФА и обемна документација со цел да изнуди казна за лутиот ривал, а Лапорта ваквите потези ги оцени како смешни и залудни во недостиг на било какви вистински докази за било каков направен прекршок.

– Во Мадрид уживаат да зборуваат за други теми за да го свртат вниманието настрана. Уживаме во фудбалот кој го играме и во се што се случува во клубот. Уживаме светско признание, во тимот имаме деветмина освојувачи на Светското првенство, добиваме пофалби од сите страни, но сепак од Мадрид се обидуваат сето тоа да го омаловажат.

– Никогаш нема да престанам да зборувам дека се обидоа да нè осудат уште пред да ни се суди за „случајот Негреира“. Станува јасно дека обвинувањата против нас немаат никаква основа. Ова ќе заврши со целосно ослободување на Барса од вина, а оние што неуморно и постојано се обидуваа да го нарушат угледот на Барса, ќе мора да ги повлечат своите тврдења. Тие непотребно ги одолговлекуваат правните постапки за да ја одржат темата актуелна, но тоа не води никаде. Тоа е обид да се дискредитира Барса. Не верувам дека го прават тоа од наивност и случајност, – порача Лапорта, кој го нападна и Реал Мадрид како клуб кој веќе не учествува со присуство на на престижните доделувања на наградите, но и на последниот собир кој го имаа најважните европски клубови.

– Тоа многу говори за ставот на клубот кој губи престиж, препознатливост и кредибилитет на национално, државно и меѓународно ниво. Тоа е очигледно. Тие се одлучуваат за крајно надмен и арогантен став и свесно го прават тоа. Треба да покажат малку самокритичност, а не да ја дефокусираат јавноста со непотребни работи, – заврши Лапорта.