Кинеската компанија „Beijing Lesentech“ тврди дека нејзиниот робот за гаснење пожари „RXR-M80D-AX2“ поминал 30 минути во печка загреана на 1.000 степени Целзиусови и потоа продолжил да работи.
Како што пренесува порталот „Interesting Engineering“, податоците за тестирањето доаѓаат од производителот. Не е познато дали резултатот е независно проверен, ниту што точно правел роботот додека бил во печката.
Производителот наведува дека роботот е дизајниран за непрекината работа подолга од 30 минути на температури до 1.000 степени Целзиусови. Од високите температури го штитат повеќе патентирани технологии за термичка заштита.
Гаснење пожари од оддалеченост до 85 метри
Роботот тежи 800 килограми, долг е 1,75 метри, широк 1,1 метар и висок 1,2 метри. Неговото куќиште има „IP65“ заштита од прашина и вода.
Се движи со брзина до 1,5 метри во секунда и може да совладува нагорнини со наклон од 30 степени. Може да преминува преку канали широки до 40 сантиметри и пречки високи до 17 сантиметри, а батеријата му овозможува четири часа работа.
Опремен е со воден и пенлив топ, кој исфрла до 80 литри во секунда и има дострел до 85 метри. Може да гасне пожари со концентриран млаз или со распрскување водена магла.
Топот може хоризонтално да се врти за 60 степени, а вертикално да се движи во опсег од-15 до +75 степени.
Управување од оддалеченост до еден километар
Сензорите на роботот ја мерат температурата и откриваат присуство на јаглерод моноксид, метан, водород сулфид и водород.
Роботот е опремен со обични камери и инфрацрвена термална камера.
Пожарникарите управуваат со него преку безжичен далечински управувач со џојстик (контролер), од оддалеченост до 1.000 метри, доколку роботот е во нивното видно поле.











