„Chanel“ и Модната недела во Париз не можат да се замислат едно без друго – како свеж багет и путер, би рекле Французите. Точката на најзначајната (и најпосетената) манифестација во модните циклуси традиционално ја става престижната куќа, чии ревии секогаш се очекуваат со посебна возбуда бидејќи секоја од нив е спектакл за себе.
Матје Блази и овојпат не отстапи од непишаното правило – со колекцијата за следната пролет и лето успеа да го подигне нивото, а ниту првиот ред не ги изневери очекувањата.
Фокусирајќи се на твидот како вечен заштитен знак, креаторот го истакна сопствениот занаетчиски пристап кон трајните кодови на познатиот бренд, прикажувајќи ги новите модели во амбиент надополнет со скулптури на птици кои лебдеа низ Гран Пале, некогаш втор дом на ненадминливиот Карл Лагерфелд, кој и самиот „Chanel“ на некој начин го „присвои“.

Едноставно, шоуто не би можело да се замисли без величественото здание покрај Сена, каде што – што веќе спаѓа во модниот фолклор – се спуштаат сценографиите за секоја париска Модна недела.
Никол Кидман, Педро Паскал, Марион Котијар, Шарлот Казираги, Карол Буке, Силви Вартан, Дуа Липа, Оливија Вајлд, Наџа Ауерман, Џон Малкович, Каролин де Мегре и многу други познати лица седеа во првите редови, секако во избрани креации со познатиот потпис, на кој Матје Блази, сите се согласуваат, му даде сосема поинакви конотации, не отстапувајќи ниту чекор од ригорозно-луксузниот кодекс на „Chanel“. Но, тој не се држи само до строго копирање, туку во нив открива нови димензии.

Колективната наклонетост кон младиот креатор, кој кормилото на империјата го презеде пред само една година, е забележлива на париските улици. Објаснувањето е едноставно – успеа да ги воодушеви сите генерации.
И новата линија претставува совршен премин меѓу минатото и иднината – некои модели потсетуваат на самите почетоци на Коко Шанел, кога работела како кројачка во ателје за изработка на долна облека, додека други речиси незабележливо, а сепак хармонично и софистицирано, ги спојуваат триесеттите, педесеттите или деведесеттите години од минатиот век.

Серијата здолништа со спуштен струк од мешавина на материјали нè врати во далечното минато на куќата, но само за миг, бидејќи веќе во следниот момент – во кој, на пример, се најдоа лесни маички без ракави и јакни во впечатливи бои – нè потсети дека сепак живееме во 21 век. Парчиња кои ја сочинуваат ДНК-та на брендот, но „шанелизирани“, објаснува Матје Блази.
А цело време, под сводот на Гран Пале лебдеа галеби, ластовички и чиопи, кои го отелотворуваат чудесното патување на мадмоазел Коко, „слободна како птиците“.
„Како да сте го пронашле стариот „Chanel“ костим на вашата баба и сте посакале да си поиграте со него и да му вдахнете нов живот“, објасни харизматичниот уметнички директор, чија филозофија брзо и лесно ги освои вечните вљубеници во најмоќната француска модна империја, а тоа не се случи случајно.





