Холивудската актерка Барбара Иден, иако ова лето наполни 95 години, воопшто не го забавува своето темпо. Напротив, таа ја одржува кондицијата и вежба, а сега откри и како изгледа нејзината фитнес-рутина.
Ѕвездата на серијата „I Dream of Jeannie“ и на филмови како што е „Flaming Star“, каде што глумела покрај Елвис Присли, за „Fox News Digital“ ја опишала својата рутина: „Возам велосипед приближно, не знам, 35 минути. Тоа е добро“.

Раскажала дека таа и нејзиниот сопруг Џон Ајхолц, со кого е во брак 35 години, имаат личен тренер кој им доаѓа дома. „Повеќе не одам во теретана“, рекла актерката, додавајќи дека порано одела на тренинзи и „еден час поминувала на ‚спининг‘, а потоа половина час вежбала со тренер, кревајќи тегови“.
Како што рекла и понатаму понекогаш крева тегови: „Не толку тешки како порано“, додавајќи дека тоа е особено корисно за здравјето на коските кај жените. „Како актерка, мораш да бидеш дисциплинирана во однос на физичката активност“, истакнала таа. Иако многумина ѝ се восхитуваат на енергијата на тие години, таа вели дека не знае на што точно може да се заблагодари за тоа, „но драго ми е што сум тука и што сè уште работам“.

Иден објаснила: „Внимавам што јадам, но не претерувам со тоа, знаете? Никогаш не сум пушела. Не знам дали тоа значи нешто. Но, мислам дека една од најважните работи во животот е да ги препознаеш другите луѓе. Да сфатиш дека тие не се толку различни од тебе и дека мора да се согласувате. А кога ќе го направиш тоа, животот станува многу поинтересен, исто како и луѓето околу тебе“.

Актерката ја опишала и својата едноставна рутина за убавина, велејќи дека отсекогаш ја има истата – навечер го мие лицето и нанесува хидратантен крем. „Тоа е приближно сè“, истакнала таа. Додала и дека би сакала да знаела кога била помлада „каква штета може сонцето да ѝ нанесе на кожата. „Додека растев, ние тоа не го знаевме. Мислам дека е навистина корисно во текот на денот, или додека работите, на лицето да нанесете крем со заштитен фактор“, заклучила Иден.