Малески: Треба да ги кренеме главите и да одиграме машки во Швајцарија

Дерби

04/10/2026

15:52

150

Големина на фонт

а а а

Македонската А фудбалска репрезентација забележа уште еден негативен резултат во Лигата на нации, пораз од Шкотска од 2-0 на националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.

Одново не недостасуваа многу работи во играта, самиот пристап и заслужено бевме поразени од Шкотска која мора да признаеме можеше и да забележи и поубедлива победа на нашиот најдобар и најголем стадион.

За крај на овој „прозорец“ ни останува уште соочувањето со Швајцарија, селекција која не разби на првото соочување на домашен терен.

-Среќен сум што добив шанса. Секогаш гледам да дадам максимум за нашата репрезентација. Ова беше уште еден тврд и тежок натпревар. Треба да ги кренеме главите, да одиме во Швајцарија и да одиграме машки, да го дадеме тој гол и да почнеме да победуваме. Оваа Шкотска е моќна репрезентација. Прилично е тешко да се биде напаѓач на репрезентацијата во овој момент, бидејќи немаме постигнато гол. Сепак, се надевам дека ќе дојдат и головите, -порача офанзивецот Христијан Малески.

По дебито во националниот состав збор имаше и дефанзивецот Ѓорѓе Џеков.

-Чест и задоволство ми е што сум дебитант во нашата најдобра репрезентација, но не се надевав на деби со пораз. Имаме резултатска криза, но се надевам дека ќе се издигнеме од овој тежок период. Притисокот е врз дефанзивците, но се надевам дека во следните натпревари ќе бидеме подобри, да ја зачуваме нашата мрежа и да почнеме да победуваме“, кажа Џеков.