Аморим: Две работи ме загрижуваат…

Дерби

03/10/2026

13:46

187

Големина на фонт

а а а

Рубен Аморим од оваа сезона го гледаме на кормилото на калчолигашот Милан, великан на италијанскиот, европскиот и светскиот фудбал, но и клуб веќе некое време е далеку од најдобрите резултати, освојување на титули во континуитет на различни фронтови.

Португалецот има одговорна задача да го врати клубот на победнички патеки што нема да биде лесно, мора да се оди чекор по чекор. „Росонерите“ на стартот на кампањата играат променливо, имаат три победи и две нерешени во Серија А, додека загубија од Бенфика во првиот натпревар во Лига Европа.

Во тек е репрезентативната пауза која е подолга и трае три седмици, но Аморим во тоа не гледа проблем и го загрижуваат други работи.

-Не е загрижувачко бидејќи мора да се прилагодиме на она што се случува во нашиот свет, а нема многу што можеме да направиме. Нема голема разлика меѓу две и три недели. Имаме време да работиме со некои играчи на кои им е потребно и да видиме други кои би можеле да ни помогнат во иднина. Ако има вистинска загриженост, не станува збор за тринеделната пауза, туку за бројот на натпревари што ќе ги играме од сега па натаму. Ова ме загрижува најмногу, заедно со интензитетот што ќе мора да го одржиме, -вели стратегот кој се надева дека екипата ќе биде подобра и во завршницата на акциите.

-Мислам дека мора да се подобриме како тим за да создадеме повеќе шанси. Не станува збор само за Рамош и Камарда. Не правам разлика меѓу играчите. Возраста или минутите поминати на терен не се важни. Ако ги погледнете натпреварите, Рамош веќе имаше интересни шанси и добро се снаоѓа и со репрезентацијата. Во последниот натпревар против Данска, тој го реши натпреварот. Мојата главна грижа е да создадам повеќе шанси за сите: Пулишиќ, Камара, Сисе; тоа е тимска работа, -истакнува Рубен кој отворено порачува дека го очекува доста работа.

-Многу работи недостасуваат; можам да го кажам тоа без никаков проблем. Се обидуваме постојано да доминираме во натпреварите; понекогаш играме добро, но сè уште има многу работа. Не сакам да слушам луѓе како зборуваат за овој Милан како за Милан на Аморим. Милан е Милан. Клубот има приказна и идентитет што оди подалеку од името на тренерот. Сакам да видам тим со идентитет што може да победува дури и кога работите не одат совршено. Сè уште сме далеку од нашиот потенцијал, но ни треба време и континуитет. Имаме многу натпревари, мора да победуваме и да се подобруваме во исто време, не е лесно.

-Секогаш ќе се обидувам да го составам најдобриот состав за секој натпревар, земајќи го предвид и она што можеби ќе ни треба во вториот дел. Гледајќи ги првите пет натпревари, јасно е дека замените имаа позитивно влијание. Не можеме да се фокусираме само на почетната единаесетка. Исто така, со само два дена помеѓу натпреварите, невозможно е да се потпреме на истите играчи секој пат. Сите мора да бидеме подготвени; тоа е она на што работиме секој ден, -заврши предводникот на составот од Милано.