Викторија Бекам многу сериозно ги сфатила подготовките за Париската модна недела и тоа не само кога станува збор за нејзините дизајни, туку и за начинот на кој тренира пред заминувањето.
Нејзиниот сопруг, поранешниот фудбалер Дејвид Бекам, ја снимил како вежба – во високи потпетици.
Модната дизајнерка (52) на својата Инстаграм приказна покажа како се подготвува за ревијата што ќе се одржи подоцна оваа недела, на која ќе ја претстави својата најнова колекција во француската престолнина.
Познато е дека е посветена на редовното вежбање, но овојпат ги изненадила следбениците со видео на кое користи справа со подвижни скали (StairMaster) во потпетици високи десет сантиметри. И не само тоа, Викторија носела и тесно кожено здолниште и кошула како комплетна модна комбинација за вежбање.
Поранешната членка на „Спајс Грлс“ го споделила видеото во кое нејзиниот сопруг ја прашува: „Драга, знам дека е Модна недела, но не мислиш ли дека малку претеруваш?“.
„Не, само тренирам“, се пошегувала Викторија, на што Дејвид ѝ одговорил: „Изгледа дека си подготвена“.
Дизајнерката го основала својот истоимен моден бренд уште во 2008 година, а на нејзините ревии редовно ја поддржува семејството – сопругот Дејвид и нивните три деца, Ромео, Круз и Харпер.

Нивниот четврти син, Бруклин, пак, се оддалечи од семејството претходно оваа година и изјави дека „не сака да се помири“ со нив.
Освен со видеото од тренингот, Викторија деновиве го привлече вниманието на своите следбеници и откако му се придружи на својот син Круз, кој се занимава со музика, во студио за снимање.
Круз објави фотографија со својата мајка, на која се чини дека таа се подготвувала да сними нешто пред микрофон. „Да, ја вративме Пош во студио“, напиша тој во објавата.