Доколку сакате кисела зелка, но немате време да чекате со денови за да се закисели, можете да ја подготвите на брз начин.
Зеленчукот се прелева со врела маринада, а салатата е подготвена за послужување за само два до три часа.
На овој начин зелката останува крцкава, а морковот, пиперката, црвениот и белиот кромид ѝ даваат побогат вкус и пријатна арома.
• 1 кг. бела зелка
• 1 морков
• 1 главица црвен кромид
• 1 пиперка
• 2 до 3 чешниња лук
• 1 ловоров лист
• 5 зрна црн бибер
• 500 мл. вода
• 2 лажици шеќер
• 1 полна лажица сол
• 70 мл. алкохолен оцет (9 проценти)
• 50 мл. масло

Отстранете ги надворешните листови од зелката, измијте ја и ситно исечкајте ја. Исчистете ја пиперката од семките и исечете ја на тенки ленти, црвениот кромид на полукругови, изрендајте го морковот на крупно ренде, а лукот истиснете го низ преса.
Ставете го зеленчукот во поголем сад и лесно изгмечете го со рацете, колку состојките да се соединат и зелката малку да омекне. Во тенџере ставете ја водата, додајте ги солта, шеќерот, ловоровиот лист и биберот, па загрејте до вриење. Потоа додајте ги маслото и оцетот и мешајте додека солта и шеќерот целосно не се растворат. Кога маринадата повторно благо ќе зоврие, тргнете ја од ринглата.
Прелејте го зеленчукот рамномерно со врелата маринада. Покријте го садот со чинија, а врз неа ставете нешто потешко за зелката да остане потопена во течноста. Оставете ја да се излади на собна температура, приближно два до три часа.
Изладената зелка, заедно со маринадата, префрлете ја во чиста стаклена тегла или сад со капак и чувајте ја во фрижидер. Послужете ја како салата со печено месо, компири или други јадења.
Доколку повеќе го сакате поблагиот вкус, алкохолниот оцет можете да го замените со 90 мл. јаболков оцет.