Прекрасна вест пристигнува од домот на познатата манекенка и нејзиниот сопруг – Барбара Палвин (32) и Дилан Спраус (34) станаа родители. Радосната вест беше соопштена синоќа на Инстаграм, заедно со нивната прва јавна фотографија со бебето.
Двојката објави дека пред три недели добиле ќерка – се чини токму на Денот на трудот (Labor Day), на 7 септември.
„Оваа година Денот на трудот го сфативме буквално“, се пошегуваа Барбара Палвин и Дилан Спраус во заедничката објава на Инстаграм, со фотографија на која се свртени со грб кон камерата, додека меѓу себе ја држат својата новородена ќерка. Сите тројца се во дресови на тимот „Лос Анџелес Доџерс“ и стојат пред телевизорот, гледајќи натпревар.
Актерот и поранешната манекенка на брендот „Victoria’s Secret“, кои се венчаа во јули 2023 година, сè уште не го откриле името на својата ќерка.
Овој 34-годишен актер, познат по улогите на „Disney Channel“, првпат во мај објави дека тој и неговата сопруга Барбара го очекуваат своето прво дете, додека присуствуваа на 79-от Филмски фестивал во Кан, во Франција.

Актерот потоа во јули, за време на првата епизода од неговиот поткаст „Wildmen“, откри дека тој и Барбара ќе добијат девојче.
„Сакаш ли да го споделиш тоа со другите?“, го праша Палвин Спраус за време на поткастот.
„Да, ја викаме principessa“, рече Спраус, откривајќи дека очекуваат девојче, па додаде: „Не знам зошто тоа ни стана... па, на италијански тоа значи принцеза. Но да, ќе добиеме девојче, поради што сум многу возбуден. Всушност, со нетрпение очекувам да бидам татко на девојче“.

Тогаш рекоа дека сè уште се двоумат околу името и дека не знаат како ќе ја наречат својата „принцеза“. Во разговорот со Аманда Хирш во нејзиниот поткаст „Not Skinny But Not Fat“ во август, Спраус исто така зборуваше за својата возбуда поради доаѓањето на девојчето, бидејќи таа ќе биде „првото девојче во семејството Спраус родено по многу долго време“.

„Генерално гледано, имаме многу мало семејство, но ова е првото девојче во семејството Спраус по многу долго време, што ме прави нервозен бидејќи потекнувам од семејство во кое има само момчиња. Така што татко ми баш и не може да ми помогне да го разберам тоа.
Што се однесува до одгледувањето девојче, тоа за мене е целосно непозната работа. Сепак, многу сум возбуден бидејќи сите мои пријатели кои имаат момчиња изгледаат како да минуваат низ некаков вид трауматично искуство“, се пошегува актерот.